Фото: „Нова Македонија“

Кој го создава сврзувачкото ткиво во македонскиот општествен организам?

Ваквиот пристап придонесе во ниту еден клучен историски момент во овие три децении самостојност партиите да не можат заеднички да седнат и да се договорат околу прашања важни за интересот на државата и граѓаните, што ја доведе земјата во крајно незавидна позиција, да биде блокирана и уценета на патот кон ЕУ, да нема владеење на правото, да царува корупцијата, економијата да тоне сѐ подлабоко, а младите масовно да се иселуваат

Несомнено Македонија како држава се наоѓа на историско распаќе од кое многу лесно може да тргне во правец од кој нема враќање, правец што ќе значи нејзино целосно преобликување во обична административна територија без одредена цел, а како таква станува лесен плен за асимилаторските апетити на соседите, кои од ден на ден сѐ подиректно ги манифестираат.
А причината за тоа треба да се бара во длабоко поделеното македонско општествено ткиво, кое во овие 33 години независност не успеа да се обедини за ниту една работа, исфрлајќи го на површина партискиот антагонизам, кој длабоко се вкоренил во секоја општествена пора и кој не дозволува сеопшто обединување.

Залудни се повиците за обединување на секој значаен датум што го одбележува државата, кога тие уште однапред се осудени на отфрлање од страна на оние кон кои се упатени.

Неодамна македонскиот премиер Христијан Мицкоски, обраќајќи се на свеченоста по повод 33 години независност, понуди платформа до опозицијата што ќе се базира на 10 принципи за заедништво и сплотеност. Владеење на правото, департизација, стабилност, подобар животен стандард, национално единство и спречување на иселувањето се само дел од принципите од кои премиерот побара единство и од опозицијата.

Експресно одбивање на принципите стигна од опозицијата, која ги отфрли повиците на премиерот со образложение дека протоколарните пораки за обединување „немаат никаква врска со реалноста и политиките што ги практикува актуелната власт во овие два месеца“.

Вакви пораки за обединување пристигнуваа и во времето кога актуелната опозиција беше на власт, а тогашната опозиција, а сегашна власт, исто ги одбиваше со исти или слични образложенија.

ЕУ, реформи, економија, владеење на правото, борба со корупцијата – цели за кои сите се согласни

Ваквиот пристап придонесе во ниту еден клучен историски момент во овие три децении самостојност партиите да не можат заеднички да седнат и да се договорат околу прашања важни за интересот на државата и граѓаните, што ја доведе земјата во крајно незавидна позиција, да биде блокирана и уценета на патот кон ЕУ, да нема владеење на правото, да царува корупцијата, економијата да тоне сѐ подлабоко, а младите масовно да се иселуваат.

И додека на сите им е јасно дека повикот за обединување, без оглед од која страна и да доаѓа, е само обична флоскула на која повеќе никој не ѝ обрнува внимание, граѓаните се тие што апелираат до политичарите да ги тргнат суетите настрана и да почнат да работат во интерес на македонското општество.
– Не паметам за овие 33 години една работа да сме ја истерале заедно. Една влада ќе почне некоја реформа, другата ќе ја прекине, ќе се донесе некој закон од едно Собрание, другото ќе го укине, Уставот стопати го менуваа без широк консензус, така што тешко е да се зборува за некакво обединување во оваа наша држава кога и обичните луѓе се поделени. Мораме да се обединиме околу јасни цели, кои се натпартиски и кои немаат никаква врска со ниту една партија – вели Јордан Здравевски, пензионер од Скопје.

Според него, живееме во тешки времиња кога не се знае каде оди светот и затоа одговорност на сите политичари е да постават јасни цели околу кои сите ќе се обединат и кон кои ќе се стремат во континуитет, без разлика дали се на власт или во опозиција.
– Клучни се работите што не им носат бенефиции на партиите и на политичарите, туку оние од кои зависи иднината на државата и на народот што живее во неа. Околу тие работи треба да се обединиме – порачува Здравевски.

Став и на другите граѓани со кои поразговаравме е дека еднаш мора да се обединиме околу некои работи ако не сакаме да нѐ избришат и како држава, но и како народ.
– Не мора тие повици за обединување да доаѓаат од политичарите, ним народот не им верува, но нека дојдат од поумните глави во државата, академици, професори, уметници, бизнисмени, спортисти, тие да бидат гласот што ќе повикува на обединување и што ќе ги дефинира тие заеднички цели. Така можеби ќе се иницира поголем општествен обединувачки импулс – додава Јасна Павловска, сметководителка.

Јасно разграничување меѓу она што се национални и она што се партиски интереси за да има обединување

Ставот на дел од аналитичарите околу дилемата што може да биде вистинска точка на обединување е утврдувањето цели што ќе имаат натпартиска димензија, односно на нивното спроведување да не се дава партиска конотација, туку да се туркаат како стратегиски државни проекти што ќе имаат континуитет и што нема да бидат опструирани поради одредени партиски калкулации.
– Има три-четири работи околу кои сите може да се обединиме и треба да се држиме до тие принципи. Прво и основно, наша стратегиска цел е членството во ЕУ и тоа е желба на огромно мнозинство граѓани, така што тука нема никакви дилеми. Консензусот е важен за да се утврди патот по кој ќе се движиме кон оваа цел, за да може максимално да се избориме за нашите стратегиски интереси. Втора работа, односите со соседите да ги остваруваме исклучиво врз реципрочен однос, со заемно уважување и почитување. Трета цел околу која е можно обединување, тоа се реформите во сите области во согласност со европските практики, за да нема никакви партиски експерименти и меѓусебни судири и препукувања. Како што налага ЕУ, така да се спроведат тие реформи, се разбира со ситни нијанси во согласност со нашите услови тука. Клучна цел околу која сите треба да се обединиме е спас на економијата, оти без стабилна економија нема ниту стабилен финансиски систем, нема плати, пензии, здравство, образование, нема да има ништо. Сето тоа дополнето со создавање ефикасен правосуден систем на кој сите ќе му веруваат и кој ќе работи според законите, а не според диктат на политиката. Ова се тие неколку работи за кои нема граѓанин во оваа држава што нема да се согласи да се туркаат заеднички со забрзано темпо – потенцираат соговорниците.

Дипломатот во пензија Драган Јањатов смета дека може да се најдат точки околу кои може да се обединиме, но дека е клучно да се направи јасна дистинкција што се национални и државни интереси, а што се партиски.
– Повиците за обединување што ги слушавме низ годините се класично лицемерство. Не може сите тие да повикуваат на обединување, а потоа следниот момент да се плукаат меѓу себе. Постојат партиски интереси и постојат виши национални интереси. Сите треба да бидеме обединети околу националните интереси, партиските интереси се друга работа. Тоа е демократијата. Треба да се разграничат националните, државните интереси, интересите на народот, на земјата, а сосема друго се интересите на партиите. Тие треба да се тргнат настрана ако реално сакаме да се случи обединување – заклучува Јањатов.