РАЗГОВОР СО ПРОФ. Д-Р ГОРАН ДИМИТРОВ ПО ПОВОД СВЕТСКИОТ МЕСЕЦ (ЈАНУАРИ) ЗА ПОДИГАЊЕ НА СВЕСНОСТА ВО БОРБАТА ПРОТИВ РАКОТ НА ГРЛОТО НА МАТКАТА
- Редовните прегледи и ХПВ-тестирањата се клучни во борбата против карциномот на грлото на матката, со што во голема мера може да се намали бројот на оперирани жени и девојки, кои ги има дури и на возраст од 18 години. Овој рак е втор најсмртоносен во регионот на Југоисточна Европа, а во светот е четврти предизвикувач во однос на сите други карциноми кај жените, вели во разговор за „Нова Македонија“ проф. д-р Горан Димитров, европски еминентен експерт, кој долги години е претседател на две носечки здруженија во Македонија чија главна цел е борба против ракот на грлото на матката
Постојано сме во борба за исполнување на целите во однос на целната група, вклучувајќи го и зголемувањето на обемот на покриеноста со превентивни и редовни гинеколошки прегледи и на обемот на вакцинација (која е во стагнација последниве години) против хуман папилома вирус (ХПВ), пред сѐ кај жените, но и кај момчињата, кои исто така се ризична група, против инфекциите од ХПВ, кои во 99 проценти се предизвикувачи на рак на грлото на матката и други бенигни и малигни болести. Помеѓу другото, важно е и одговорно сексуално однесување, со сите мерки за заштита од полово преносливи болести, вели во разговор за „Нова Македонија“ проф. д-р Горан Димитров. Тој е специјалист гинеколог и акушер, кој повеќе од триесет години се занимава со стратегија и превенција за рак на грлото на матката, и е значаен дел од поширокиот заслужен и истакнат стручен лекарски тим што во Македонија се бори против оваа болест, која може да биде тешка и опасна, за жал неретко и смртоносна.
Традиционално, јануари е светски месец за подигање на свесноста во борбата против ракот на грлото на матката. Покрај тоа, во Европа во втората половина на јануари (некаде во последната недела, а во други земји во претпоследната недела) се реализира Европската недела за превенција од рак на грлото на матката, која во Македонија се одбележува со низа едукативни кампањи и стручни лекарски активности. Годинава кај нас Европската недела е збогатена, со тоа што од петок до недела (од 30 јануари до 1 февруари) во Скопје ќе се одржи вториот конгрес на Југоисточноевропскиот форум за хуман папилома вирус (ЈИЕФХПВ). Главен организатор на вториот конгрес на ЈИЕФХПВ е токму проф. д-р Горан Димитров.
Еминентниот експерт долги години е претседател на две носечки здруженија во Македонија чија главна цел е борба против ракот на грлото на матката: на Македонското здружение за цервикална патологија и колпоскопија (МЗЦПК) кое е член на Европската федерација за колпоскопија (ЕФК), како и на Македонското здружение за хуман папилома вирус (МЗХПВ). Проф. д-р Горан Димитров е и претседател на Македонското лекарско друштво (МЛД), кое минатата година прослави 80-годишен јубилеј. Тој е и национален амбасадор за Македонија при Европското здружение за гинеколошка онкологија (ЕЗГО). Член е на Советодавниот одбор на Европската федерација за колпоскопија (ЕФК). Почесен член е на две специјалистички здруженија од соседството: Здружението за колпоскопија и цервикална патологија на Хрватска и Здружението за гинеколошка онкологија на Србија.
Со повисоки стапки на вакцинација до намалување на бројот на заболени
Искусниот експерт вели дека колку се повисоки стапките на вакцинација, толку се поголеми шансите да опаѓа, и тоа драстично, бројот на заболени од ракот на грлото на матката.
– Како и претходно во најголемиот број земји, така и во Македонија од пред 20 месеци се применува најсовремената, деветтовалентна, вакцина против инфекциите од ХПВ, која штити од најопасните типови на ХПВ, пред сѐ од четирите типа (6, 11, 16 и 18) на кои, пред сите ХПВ 16 и ХПВ 18, отпаѓаат минимум 70 отсто од севкупните причинители на ракот на грлото на матката. Оваа вакцина е задолжителна и бесплатна за девојчињата од 12 до 19 години. Максимално, и на терен, се обидуваме да придонесеме за спречување заболување од рак на грлото на матката и за елиминација (намалување) на оваа доста честа болест. Во најголем број од случаите ракот на грлото на матката може да се спречи. Редовните прегледи и ХПВ-тестирањата се клучни во борбата против карциномот на грлото на матката, со што во голема мера може да се намали бројот на оперирани жени и девојки, кои ги има дури и на возраст од 18 години. Овој рак е втор најсмртоносен карцином во регионот на Југоисточна Европа, а во светот е четврти предизвикувач во однос на сите други карциноми кај жените. Неопходна е поширока општествена мобилизација на многу нивоа, вклучувајќи и значително да се подигне, и со поголеми јавни активности (во медиумите, училиштата…), јавната свест за што помасовни превентивни прегледи и што помасовна вакцинација, потоа да им се верува на надлежните доктори, да не се подлегнува на некои различни невистинити теории на недоверба кон вакцинацијата, кои, за жал, помалку или повеќе, сѐ уште се присутни, откако кај нас во 2009 година се воведе вакцинацијата против ХПВ во школскиот календар – ни вели проф. д-р Димитров.
Се препорачува ХПВ-тест како примарен скрининг за жените
Тој препорачува дека жените, како примарен скрининг, треба да прават ХПВ-тест (хуман папилома вирус), а не Пап-тест (Папаниколау) бидејќи Пап-тестот, одамна, во согласност со препораките и на Светската здравствена организација од пред десет години, требаше да биде минато. Тој вели и дека се случува да доаѓаат жени што имаат негативен Пап-тест, а имаат инвазивен рак и дополнува дека ХПВ-тестот има сензитивност од 99,99 отсто и носи многу поголем финансиски бенефит отколку Пап-тестот.
– ХПВ-тестирањето е метод со кој се покажува дека практично жената што има високоризичен тип носи огромен ризик да има преканцероза и на тој начин рано се открива и се лекува, со што се спречува да дојде до инвазивен рак. Колку порано се открие ракот на грлото на матката, толку е поуспешно и поефикасно лекувањето – укажува проф. д-р Димитров.
Тој ја повторува дамнешната стручна заложба за итна можност од вакви прегледи.
– Повеќегодишна заложба и предлог на дел од стручните здруженија е во системот „Мој термин“ да се воведе секогаш да има слободни места, обележани со сина боја, кои ќе може да ги искористат пациентки со малигни гинеколошки болести што не може да чекаат. Овозможувањето вакви сини слободни места во „Мој термин“ значително ќе помогне во што поуспешно спречување и на ракот на грлото на матката и за што подобро лекување и закрепнување на заболените од други тешки заболувања – нагласува проф. д-р Димитров во овој разговор за „Нова Македонија“.
Вториот конгрес на ЈИЕФХПВ од петок до недела во Македонија
Стратегиите за вакцинација, организираниот скрининг, стандардите за колпоскопија и патиштата што можат да го намалат товарот од рак на грлото на матката и други болести поврзани со ХПВ се очекува да бидат главна тема на претстојниот втор конгрес на ЈИЕФХПВ, кој ќе се одржи во Скопје од 30 јануари до 1 февруари (од петок до недела). Се очекуваат двесте учесници, а предавачите и учесниците (голем број од нив имаат огромен меѓународен углед) се од близу 15 земји. Ова е уште едно признание за МЗХПВ и за МЗЦПК. Во Струга, пред четири години, се одржа првиот конгрес на ЈИЕФХПВ, кога имаше 250 учесници.
Покрај оваа цел, конгресот има уште неколку други цели, меѓу кои се информирање на учесниците за тековните докази за ХПВ-вакцинацијата, скринингот и управувањето со (пре)инвазивни болести, истакнување на регионалните предизвици и успешни модели во програмите за превенција од овој рак, обезбедување форум за мултидисциплинарен дијалог помеѓу клиничарите, истражувачите, патолозите и професионалците од јавното здравство…
ЈИЕФХПВ е регионална платформа посветена на унапредување на знаењето, соработката и иновациите во областа на ХПВ-инфекциите и асоцираните болести. Фокус на конгресот ќе бидат и практични стратегии засновани на докази за подобрување на превенцијата, скринингот, дијагнозата и третманот во Југоисточна Европа на ХПВ асоцираните болести.
Проф. д-р Димитров меѓу главните уредници на првиот интегриран стручен учебник на македонски јазик
Проф. д-р Горан Димитров е еден од трите главни уредници на првиот интегриран учебник по гинекологија и акушерство за студенти по општа медицина на македонски јазик, издаден во ноември 2024 година, кој има 998 страници и 89 поглавја (50 од областа на гинекологијата и 39 од акушерството), вклучувајќи ја и литературата. Учебникот ги опфаќа сите методски единици предвидени во наставната програма за студентите по општа медицина на Mедицинскиот факултет во Скопје.
Проф. д-р Горан Димитров дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје во 1989 година, а магистрирал во 2002 година на истиот факултет на темата „Епидемиолошки фактори на ризик во настанувањето на цервикалната неоплазија (ЦИН)“. Докторирал во 2014 година, на темата „Постоперативен ризик од прекурсорните лезии на карциномот на грлото на матката“. Во 1999 година станал асистент, а од 2015 година е професор, при што девет години бил и шеф на Катедрата за гинекологија и акушерство при Медицинскиот факултет во Скопје. Објавил близу 200 научни труда од гинеколошко-акушерската област. Раководител е на Одделот за општа гинеколошка хирургија при Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.
Живко Здравкоски































