Реакција на Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија по вчерашната изјава на проф. Иван Динев Иванов
По вчерашната изјава на професорот Иван Динев Иванов од Универзитетот во Синсинати, САД, дадена во емисијата „На кавга со Иван“ на Канал 5 телевизија, Еврејската зедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија со индигнација ги отфрлаат инсинуациите и лажните тврдења дека „во постојаната поставка во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија се користат монитирани фотографии, документи и филмови, и дека Меморијалниот центар на холокаустот е место од каде се врши искривена пропаганда за улогата на Бугарија во депортацијата на Евреите од Македонија“.
-Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија го чува споменот и е посветен на 7.144 Евреи од Македонија кои беа брутално прогонувани, понижувани,
етикетирани, ограбени и депортирани во смрт од страна на тогашните бугарски фашистички власти. Би сакале да напоменеме дека во креирање и изградба на постојаната изложбена поставка во Меморијалниот центар учествуваа реномирани светски историчари од ерата на холокаустот кои своите истражувања, превземање и откуп на архивски материјал ги правеа во архивите на Меморијалниот музеј на холокаустот во Вашингтон, на Јад Вашем во Израел и други архиви“, се наведува во реакцијата на врејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, по изјавата на проф. Иванов, за кој наведуваат дека е државјанин на САД и Бугарија.
Според писмената реакција, Евреите од Македонија, нема да дозволат искривување на историјата во дневно политички цели.
-Обидите на проф. д-р Иванов за искривување на историската вистина и улогата на Царска Бугарија во холокаустот на Евреите од Македонија се скандалозни, пред се за еден професор кој треба на своите студенти да им ја пренесе вистината за историските настани, а не да се става на страната на официјалното искривување на историската вистина за холокаустот од одредени бугарските политичари и историчари, кои се одвиваат во континуитет. Ние, Евреите од Македонија, нема да дозволиме никакво искривување на историјата во дневно политички цели. Нема да дозволиме да се заборави каде и како завршија 7.144 Евреи од Македонија, само затоа што се поинакви по вера и традиција од ариевската раса, само затоа што некој сака да ја стави под килим својата негативна историска улога. Фактот дека Бугарија беше соучесник во едно од најголемите злосторства во историјата на човештвото не може да се избрише, па тоа да е и обидот на проф. Иван Динев Иванов, се вели во реакцијата.