Фото: Официјален фејсбук профил

Економијата бележи забрзан раст по промената на власта, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на панел-дискусијата „Раст на економијата – економска сигурност на граѓаните“, што се одржа во Владата.

Според неа, во првите два квартала од 2024 година просечниот раст на бруто-домашниот производ изнесувал 2,3 проценти, додека во следните два квартала се зголемил на 3,6 проценти. Таа посочи дека во последниот квартал растот достигнал 3,8 проценти, при што ваков резултат е забележан два квартала по ред.

-Овие показатели укажуваат дека по промената на власта економијата добива позитивни сигнали и дека мерките што ги презема Владата даваат резултати – рече Димитриеска-Кочоска.

Таа потсети дека во периодот на претходната власт просечниот раст на БДП изнесувал 1,9 проценти, додека во десетгодишниот период на владеење на ВМРО-ДПМНЕ просечниот раст бил 3,2 проценти.

Министерката оцени дека македонските компании функционираат во услови на глобална економска неизвесност, која во многу европски земји доведува до пад на економските показатели. Сепак, како што истакна, домашната економија покажала стабилност и отпорност на глобалните предизвици.

Како еден од клучните фактори за подобрување на економските резултати, Димитриеска-Кочоска ја посочи унгарската кредитна линија што ја обезбеди Владата, преку која приватниот сектор добил кредити по поволни услови.

-Досега се повлечени околу 224 милиони евра, кои се инвестирани во компаниите и придонесуваат за одржување на економската активност и создавање нова вредност – нагласи таа.

Според министерката, дополнителен позитивен сигнал е и растот на корпоративните кредити, кои во континуитет бележат зголемување од околу 15 проценти.

На панел-дискусијата учествуваа и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, како и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.