Фото: Приватна архива

Проф. д-р д-р Страхил Газепов, офталмолог

  • Глаукомот во раните фази не дава симптоми, поради што се нарекува „тивок убиец“, па често се дијагностицира доцна, што дополнително го зголемува ризикот од слепило. Навремената дијагноза и соодветниот третман се многу значајни, бидејќи со нив прогресијата на болеста може значително да се забави и да се зачува видот

Глаукомот е хронично, прогресивно дегенеративно нарушување на оптичкиот нерв кое предизвикува карактеристично оштетување на видното поле и е една од најчестите причини за слепило.
Во рамки на Светската недела на глаукомот, која годинава се одбележува од 8 до 14 март, за ова заболување разговараме со д-р Страхил Газепов, раководител на Очната служба во Клиничката болница Штип и професор на Катедрата за офталмологија при Факултетот за медицински науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Се проценува дека околу 80 милиони луѓе ширум светот имаат глауком, објави специјализираната веб-страница „Светска глауком недела“.

-Глаукомот е една од водечките причини за неповратно слепило во светски рамки. Болеста се карактеризира со прогресивно оштетување на очниот нерв, најчесто асоцирано со покачен интраокуларен притисок, што доведува до постепено стеснување на видното поле и до значително намалување или целосна загуба на видната острина – вели д-р Газепов.

Глаукомот во раните фази не дава симптоми, поради што се нарекува „тивок убиец“, па често се дијагностицира доцна, што дополнително го зголемува ризикот од слепило. Навремената дијагноза и соодветниот третман се многу значајни, бидејќи со нив прогресијата на болеста може значително да се забави и да се зачува видот.
Глаукомот, вели д-р Газепов, често коегзистира со други очни заболувања, што може да влијае врз клиничката слика, дијагнозата и терапевтскиот пристап.

-Најчесто се среќава во комбинација со катаракта, дијабетична ретинопатија, макуларна дегенерација, како и со васкуларни заболувања на ретината. Може да биде секундарен, како резултат на воспалителни процеси (увеитис), траума или долготрајна употреба на кортикостероиди. Присуството на коморбидни очни состојби го зголемува ризикот од прогресивно оштетување на видната острина и бара мултидисциплинарен и индивидуализиран пристап во третманот – објаснува докторот.

Како почнува болеста

Глаукомот е мултифакторна болест, при што покачениот интраокуларен притисок е најзначаен ризик фактор за атрофија на очниот нерв. Ризикот за негова појава се зголемува со возраста, позитивна фамилијарна анамнеза и присуство на васкуларни и системски заболувања. Анатомските карактеристики на предниот сегмент, рефракционите аномалии, како и долготрајната употреба на кортикостероиди, очни трауми и воспалителни процеси имаат важна улога во развојот на болеста.
Глаукомот може да се јави во сите возрасни групи, но најчесто се дијагностицира кај лица над 40 години, а инциденцата значително расте по 60-тата година од животот.

Ризикот е условен од интеракција на генетски, анатомски и системски фактори.

– Највисок ризик имаат: лица над 40 – 50 години, со прогресивно зголемување на инциденцата со возраста; позитивна фамилијарна анамнеза, роднини од прв степен имаат 4 – 9 пати повисок ризик; лица со покачен интраокуларен притисок (окуларна хипертензија); пациенти со тенка рожница; васкуларни фактори (артериска хипотензија, вазоспастични синдроми); дијабетес мелитус и кардиоваскуларни заболувања; долготрајна терапија со кортикостероиди; анатомски предиспозиции (плитка предна комора, хиперметропија, висока миопија). Важно е да се нагласи дека глаукомот може да се јави и без присуство на очигледни ризик фактори, што ја нагласува важноста на редовните контроли – нагласува д-р Газепов.

Болеста напредува бавно и хронично. Промените започнуваат со периферно губење на видното поле, кое пациентот не го забележува бидејќи централниот вид останува зачуван. Кога пациентот ќе почувствува проблем (заматување, стеснето видно поле – т.н. тунелски вид), болеста е веќе во напредна фаза, со оштетување на n.opticus, кое е неповратно (откако ќе се оштетат, ганглиските клетки на ретината и аксоните на очниот нерв не може да се регенерираат). Исклучок е акутниот глауком со затворен агол, кој има драматична клиничка слика поради нагло покачување на интраокуларниот притисок (силна болка, црвено око, заматен вид, халоси околу светла, гадење). Оваа форма е ургентна состојба, но е значително поретка форма од хроничниот глауком со отворен агол.

Не може да се спречи, но може да се лекува

Глаукомот не може целосно да се спречи, но може рано да се открие, контролира и да се забави неговата прогресија. Во таа насока, објаснува професорот, клучни се редовните офталмолошки прегледи (по 40 годишна возраст, на една до две години редовно мерење на интраокуларен притисок (тонометрија), преглед на очен нерв, периметрија (видно поле), ОЦТ (оптичка кохерентна томографија); контрола на системски заболувања (дијабетес, артериска хипертензија); рационална употреба на кортикостероиди и здрав начин на живот – редовна умерена физичка активност, избегнување пушење, балансирана исхрана.

Кај веќе дијагностицирани случаи на глауком потребна е терапија за намалување на интраокуларниот притисок (ИОП) за зачувување на преостанатиот вид и спречување на понатамошно оштетување на оптичкиот нерв. Глаукомот не може да се излекува во смисла на реституција (обновување) на веќе изгубените нервни влакна. Оштетувањето на n.opticus е неповратно, меѓутоа, болеста може успешно да се контролира, со цел да се спречи или значајно да се забави прогресијата.
Терапијата обично е медикаментозна (простагландински аналози, бета блокатори, инхибитори на карбоанхидраза, алфа-агонисти).

-Во одредени случаи може да има потреба и од ласерска терапија (SLT) или хируршки третман (трабекулектомија, дренажни импланти, MIGS процедури). Со соодветна терапија може значително да се намали прогресијата и да се зачува функционалниот вид – вели д-р Газепов.

Неговото искуство покажува дека глаукомот често се дијагностицира во понапредната фаза.

– Затоа, акцентот го ставам на скрининг, навремена терапија и редовни контроли. Во едукативниот контекст, потенцирам дека дисциплината во користење на терапијата е од суштинско значење за стабилизација на болеста – додава нашиот соговорник.

Живко Здравкоски


Редовни офталмолошки прегледи кај постари од 40 години

Проф. д-р Газепов вели дека во Македонија не постои централен национален регистер со прецизно објавени годишни податоци за глауком. Затоа, проценките се темелат на европски епидемиолошки податоци, преваленца по возрасни групи и демографска структура на популацијата.
Oпштата европска слика: преваленца кај популација над 40 години е 2-3%, кај лица над 70 години е 6-8%, најчеста форма е примарниот глауком со отворен агол.
Проценка за Македонија: со популација од приближно 1,8 – 2 милиони жители, земајќи предвид дека околу 35 – 40% се над 40 години со потенцијално изложена популација од приближно 700.000 – 800.000 лица, доколку се примени преваленца од 2-3 %, тоа би значело дека имаме приближна бројка на 25.000 заболени лица. Со оглед на тоа дека глаукомот често останува недијагностициран (се проценува дека 30-50% од пациентите не се откриени), реалниот број може да биде и повисок.
Годишна инциденца (приближна проценка): европските податоци укажуваат на инциденца од околу 0.1 – до 0.2% годишно кај популацијата над 40 години. Tака што доколку ова се примени на македонската популација, новодијагностицираните случаи годишно би биле со
приближна бројка од 800 – 1.500 пациенти. Оваа бројка, варира зависно од опфатот на скрининг програми, достапноста на офталмолошки услуги, свесноста на популацијата.
Глаукомот претставува значаен јавно здравствен проблем и е една од водечките причини за иреверзибилна слепост. Во Македонија, како и во поголем дел од регионот, клучни предизвици остануваат: доцната дијагностика, недоволниот скрининг кај асимптоматските пациенти и потребата од национален регистар за глауком.
-Најмоќната стратегија за намалување на товарот од оваа болест останува раното откривање преку редовни офталмолошки прегледи кај лица над 40 години, особено кај ризичните групи (позитивна фамилијарна анамнеза, миопија, дијабетес, хипертензија) – вели д-р Газепов.


Фото: Приватна архива

Д-р Страхил Газепов докторирал на тема за глаукомот, предава на близу 15 предмети
Страхил Газепов 16 години предава на Катедрата за офталмологија на Факултетот за Медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Од 2002 е офталмолог на очното одделение при Клиничната болница во Штип. Дипломирал на Медицинскиот факултет при УКИМ во Скопје во 1994, специјализирал офталмологија на Клиниката за очни болести во Скопје. Докторирал на тема „Промени во автоматската компјутеризирана периметрија и оптичката кохерентна томографија во ран стадиум кај пациенти со примарен глауком на отворен агол“, на Воено медицинската академија, на катедрата по Очни болести во Софија, Бугарија (2015).
Автор е на книгите „Офталмолошки и оптички инструменти“, „Слабовидост“ и „Процеси при изработка на офталмолошки помагала“ и е рецензент на повеќе научни книги од областа на офталмологијата. Претседател или член е во повеќе комисии за избор на офталмолози во повисоки научни звања на двата универзитети. Во меѓународни релевантни списанија се објавени 111 негови научни трудови (како автор или како коавтор).