Работните групи на Вреди, како легитимен претставник на Албанците и ВМРО ДПМНЕ како победничка партија во рамките на преговорите за формирање на новата влада успешно го завршија процесот на интегрирање на изборните програми и постигнаа договор за претседател на Собранието да се предложи Африм Гаши, информираа од Алтернатива.
-Во меѓувреме ја информираме јавноста дека работните групи интензивно продолжуваат со преговорите до финализирање на договорот за вториот и третиот ешалон. Многу брзо како држава ќе добиеме европски ориентирана влада, посветена за економски развој, инвестиции и подобрување на животниот стандард на граѓаните – велат оттаму.
Претседателот на ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, кој доби пратенички мандат, но исто така е и градоначалник на Куманово, пред почетокот на денешната конститутивна седница на Парламентот, изјави дека петмината пратеници од неговата партија ќе гласаат за Африм Гаши, доколку тој биде предложен за претседател на Собранието.