Поранешната судијка во Судот за човекови права, Маргарита Цаца Николовска, која ја води работната група за уставни измени, денеска ја отфрли можноста работната група да дебатира за бришење на формулацијата „20 проценти“ во Уставот и албанскиот јазик да стане втор официјален јазик.
Според неа, работната група „нема мандат за такво нешто“.
– Гледајте што ни е нас мандатот, нашиот мандат не е неограничен, тој е во оваа насока, решението на министерот кое влече од заклучоците на собрание, меѓународните преземени обврски на државата и одлуката на владата – изјави Николовска.
Работната група за уставни измени денеска го утврдила планот за работа и ќе се води по деловник кој е усвоен едногласно и треба да спречи долги дискусии кои би ја одложиле работата. Николовска објасни дека во него нема рокови за изработка на Иницијативата за менување на уставот и внесување на Бугарите во него.
Предвидено е работната група е да се среќава еднаш неделно.