Инспиративната приказна на Македонката од Сиднеј, Весела Грујоска (80), претставува гордост на централната железничка станица во Сиднеј, каде што таа работи веќе 50 години и нема намера да застане, пишуваат австралиските медиуми.
Таа половина век работи како хигиеничарка на железничката станица во Сиднеј, откако се доселила од Македонија во 1970 година.
Грујоска првично работела во фабрика, но имала желба да работи на железницата, пишува австралиски „Њуз“. Веса, како што ја нарекуваат колегите, ниту еднаш не била на боледување за време на работниот стаж, а редовно работела и при тамошните божиќни празници, со исклучок на три наврата. Згора, таа израснала две деца како самохрана мајка, откако нејзиниот брак пропаднал. А Грујоска сега има и три внуци.
Во изјава за „СБС на македонски“ таа кажа дека работата ја „одржала млада“, како и дека неработењето би било катастрофа, додавајќи дека веројатно ќе работи до стогодишна возраст.
Одредени читатели на австралиските медиуми, пак, ја критикуваат токму затоа што не земала боледување. „Ако сте болни, во ред е да се земе слободен ден. Не ми се допаѓа ваквото величање на луѓето што не земаат слободни денови“, „работата не е сѐ во вашиот живот“, „нормализација на работата до изнемоштеност? Не благодарам“, гласат дел од коментарите.
Други, пак, ја пофалија Грујоска.
„Се надевам дека и ќе добие зголемување на платата“, „колку доблесен карактер“, напишаа нејзините поддржувачи.
Во објава на фејсбук-страницата на централната железничка станица во Сиднеј беше истакнат придонесот на Грујоска.
– Железничката станица не е тоа без Весела! Веса 50 години ја одржува станицата чиста и блескава и не планира да забави – беше наведено во пофалбата од железничката станица во Сиднеј.