Нашата држава оваа година четврти пат учествува на меѓународното ПИСА тестирање, заедно со 85 земји од светот. Станува збор за едно од најпознатите меѓународни тестирања, каде се мери примената на знаењата од научната и математичката писменост, писменоста за читање на учениците, а оваа година првпат и креативното размислување.
ПИСА е Програма за меѓународно оценување на ученици на возраст од 15 години, спонзорирана од страна на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Како што изјави денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири по повод спроведувањето на тестирање, нашата држава учествува со репрезентативен примерок од 7.850 средношколци на возраст од 15 години од училиштата кои се избрани по случаен избор, а каде наставата се одвива на македонски и албански јазик.
Тој напомена дека тестирањето за првпат кај нас се реализира електронски и посочи дека сите ученици во процесот се добро подготвени, затоа што МОН заедно со Државниот испитен центар спроведува бројни подготвителни активности и подобро тестирање.
– Учениците се ослободија од ставот дека резултатите ќе влијаат на нивни крајни оценки, а најважно е тоа што значително е подигната свеста дека со учеството секој поединец дава придонес кон унапредување на политиките за развој на национален образовен систем. Ова го велам затоа што резултатите ќе покажат колку учениците се подготвени за справување со реални животни ситуации и примена на стекнатото знаење по завршување на обраованието и ќе ни бидат од голема важност во овој период кој ги спроведуваме најкрупните образовни реформи – додаде министерот.
Овие резултати, напомена, можат да помогнат дополнително да се надоградат или изменат реформите, за во иднина да се обезбеди поквалитетна едукација за идните генерации.
Македонија досега преку Министерството за образование и наука има учествувано на три циклуси, ПИСА 2000, ПИСА 2015 и ПИСА 2018.
Тестирањето се спроведува во СУГС „Владо Тасевски“, а како што изјави денеска директорот на ова училиштето Александар Сибиновски, селектирани се сто ученици. Од нив во моментов се присутни 88.
Директорот напомена дека училиштето се погрижи да ги обезбеди сите потребни услови за тестирањето да се изведува непречено.
Државниот испитен центар (ДИЦ) како институција во рамките на Министерството за образование и наука е задолжено за спроведување и на овие меѓународни тестирања.
– Преку ПИСА тестирањето се мерат знаења на учениците од јазични вештини, математички вештини, и природни науки за првпат оваа година ќе се оценува и креативноста на учениците. Тоа значи дека ние нема да ги мериме знаењата на учениците колку тие успеваат од наставните програми да репродуцираат знаење, туку вештините и знаења стекнати низ процесот на средно и основно образование, бидејќи се тестираат уечници од прва година во средните училишта на 15-годишна возраст – изјави директорката на ДИЦ Елизабета Наумовска.
Таа додаде дека резултатите од ова тестирање ќе бидат конечно објавени дури на крајот на 2023 година.
– Работевме со учениците, да можат да покажат повисоки резултати. Поддршката што ја добивме од МОН, обезбедувајќи 70 лаптопи преку проектната единица на Светска банка, овозможува од 7 април до 27 мај низ сите средни училишта кои реализираат настава на македонски и албански јазик во јавни и приватни училишта да се спроведе на примерок на ученици во зависност од бројот на ученици. Имаме и меѓународен мониторинг кој ОЕЦД го бира, и овој процес ќе биде следен не само од внатрешни набљудувачи, туку и надворешни – појасни Наумовска.