Уставниот суд на денешната 38. седница ќе одлучува по Рефератот кој е подготвен по претходно поднесената иницијатива од страна на Стопанската комора, со која е оспорен Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, којшто во својата содржина опфаќа „работа во недела”.
Според подносителот на иницијативата, со оспорениот закон e определено дека ден на неделен одмор е недела и притоа се дефинирани дејностите кои претставуваат исклучок од ова правило. Во иницијативата се наведува дека ден на неделен одмор може да биде било кој друг ден во неделата, дека е утврден и додаток на плата за работа во недела во износ од најмалку 50 отсто за секој час поминат на работа и од тие причини е дозволена нееднаквост на граѓаните пред законите. Во иницијативата се содржани наводи дека со ова законско решение работодавачите од економските дејности на кои им се забранува работа во недела (неметалните минерални производи) и имаат еднаква правна положба од аспект да ги намируваат данокот и другите јавни давачки кон државата кои се утврдени со закон се ставени во нееднаква правна положба со работодавачите од економските дејности на кои им е дозволено да работат во недела, од аспект да остваруваат приходи и добивка. Подносителот смета дека е нарушено начелото на владеење на правото и дека оспорениот закон е во спротивност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 7 и член 9 став 2 од Уставот.
Уставниот суд расправаше за овој случај на седница што се одржа на 14 септември годинава, но одлука не беше донесена поради недоволно мнозинство гласови.
На седницата, меѓу другото ќе бидат разгледани иницијативите поднесени за Законот за социјална заштита во одредбата за обезбедување на надоместок заради попреченост, за изборот за претседател на Собранието од 2 мај 2017 година, како и иницијативата поднесена од Светски македонски конгрес, а се однесува на оспорениот акт: „Прв заменик на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за координација на политичките прашања на ресорите“ во насловот на Глава II, членовите 5 и 6 од Деловникот за работа на Владата на Република Македонија.
На дневен ред на денешната седница се осум предмети за оценување на уставност и законитост. Шест предмети, како што велат од Судот, се со исцрпена дискусија и се во фаза на гласање, бидејќи претходно не добиле мнозинство гласови.
Сојузот на синдикатите на Македонија апелира Уставниот суд да го поддржи договореното помеѓу социјалните партнери – недела да биде неработен ден за најголем број на работници освен за дејностите кои социјалните партнери ги определија како исклучоци поради неопходноста од континуирано одвивање на одредени производни процеси.
– Потсетуваме дека и рефератот на овој предмет беше да не се поведе постапка, што значи Законот за измените и дополнувањата на Законот за работните односи со кој се уреди правото недела да биде неработен ден да остане во правниот поредок и недела да остане неработен ден, а очекуваме ваквиот реферат, овој пат да биде поддржан едногласно од сите уставни судии имајќи во предвид дека претходниот пат одлуката не беше донесена поради потребниот кворум, но 4 уставни судии го поддржаа рефератот – велат од ССМ.
Оттаму посочуваат дека во никој случај правата од работен однос во демократските држави не смее и не може да се креираат само врз основа на волјата и барањата на оние работодавачи кои, како што велат, се мотивирани само од својата желба за поголем профит, без притоа да се води грижа за остварување на работничките и човековите права.
– Поради сето ова го повикуваме Уставниот суд да не ја прифати иницијативата на Стопанската комора како спротивна на Уставот и да ги остави во сила одредбите од законските решенија со кои недела е неработен ден за најголем број на работници и на тој начин да придонесе за зацврстување на правниот поредок и правната сигурност на работниците и граѓаните во државата – се наведува во соопштението од ССМ.