Тим професори од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ и студенти на мастер по финансово право работат на научниот проект „Иновативни научни решенија за намалување на социјалната нееднаквост и сивата економија во Македонија преку даночната регулатива“.
Целта на проектот е да понуди креативни решенија кои ќе бидат доставени до носителите на политиките, пред се Министерството за финансии.
На настан на Правниот факултет беа претставени прелиминарните резултати од проектот што се реализира со финансиска поддршка на Министерството за образование и наука и беа соопштени идните активности.
Во досегашната фаза се идентификувани системски слабости кои водат до неформалната економија, како недоволна прогресивност, слаби механизми за наплата, минимални стимули за формализација и ниска транспарентност во трошењето на јавните финансии.
Проф. Елена Нешовска-Ќосева изјави дека појдовна точка на проектот било прашањето: „Дали на крајот од 2025 година македонскиот даночен систем ја наградува работата или често и тивко ја казнува“.
– Социјалната нееднаквост, сивата економија не се само бројки, извештаи и табели, туку е реалност во која живеат илјадници граѓани и компании кои работат, а не напредуваат, плаќаат данок, но не чувствуваат праведност. Во изминатите четири месеци со тимот интензивно работевме на две клучни прашања – каде точно потфрлува македонскиот даночен систем и што конкретно може и треба да се промени. Нашата анализа покажа дека иако на прв поглед даночниот систем е неутрален, често во реалноста има регресивни ефекти, односно товарот непропорционално паѓа на оние коишто имаат пониски приходи, додека во исто време одделни видови доход се пониско или воопшто не се оданочуваат. Кога даночниот систем не прави разлика помеѓу оној што одвај преживува и тој што акумулира капитал, тој престанува да биде праведен – рече Нешовска-Ќосева.
Проектот во следните фази предвидува изработка на фискален индикатор за социјална неправедност, а во план е и основање онлајн-платформа – Иноватакс за креирање и ширење на новите идеи што ќе произлезат.
Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски во воведното обраќање на настанот рече дека сивата (неформалната) економија „не се сведува исклучиво на прашањето за неплатените даноци“ туку таа е директно поврзана со социјалната нееднаквост, нелојалната конкуренција и нарушувањето на довербата во институциите.
-Според проценките на Светската банка, ММФ, Европската комисија, сивата економија во нашата земја изнесува околу 30 проценти од БДП, просекот во ЕУ е околу 17-18 проценти. Овие податоци не се само чиста статистика, туку и јасен индикатор за значителен неискористен фискален и развоен потенцијал. Секое постепено приближување до европскиот просек подразбира стотици милиони евра дополнителни приходи кои може да бидат насочени кон унапредување на образованието, науката, здравството, инфраструктурата, системот на социјалната заштита итн. – посочи Јанкуловски.
Активностите од проектот се реализираат со финансиска поддршка на Министерството за образование и наука. Министерката Весна Јаневска во своето обраќање истакна дека Владата е фокусирана на истражувања кои ќе бидат бенефит за општеството и затоа, рече, од година во година го зголемува и буџетот за наука.
-Ако сака да остане релевантна и на меѓународна научна сцена, неопходно е државата да направи исчекор кон системско и значајно зголемување на средствата за истражувања, создавање современа инфраструктура и поттикнување на иновацискиот капацитет – рече Јаневска.
Посочи дека во 2026 година ќе имаме рекордни 773 милиони денари за наука, што, рече, е континуиран раст – од 380 милиони денари во 2024 година и 680 милиони денари во 2025 година.

































