Првата група македонски државјани евакуирани од Израел вечерва пристигнаа на Меѓународниот аеродром во Скопје, по претходна евакуација преку Египет.
Евакуираните граѓани ги пречека заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, кој посочи дека операцијата за нивно извлекување била сложен процес што барал координација и ангажман на дипломатско-конзуларните претставништва.
Според Димитровски, во Израел во моментов остануваат уште седум македонски државјани кои засега не побарале евакуација, очекувајќи повторно отворање на воздушниот простор за да се вратат со приватен лет.
Тој информираше дека се прават напори сите македонски граѓани што се наоѓаат во погодените подрачја да бидат вратени најдоцна до понеделник, со три до четири чартер-летови организирани од Владата и Министерството за надворешни работи. Еден од тие летови, како што посочи, ќе тргне од Ријад, во Саудиска Арабија.
Евакуираните граѓани раскажале дека за време на престојот во Израел често морале да се засолнуваат поради сирените за воздушна опасност. Иако ваквите ситуации се дел од секојдневието за локалното население, за нив претставувале тешко и необично искуство.
Димитровски додаде дека дел од пристигнатите биле и двајца македонски ракометари со своите родители.
Според информациите на Министерството, во земјите од Заливот во моментов престојуваат околу 600 македонски државјани, најголем дел во Абу Даби и Дубаи, околу 140 во Катар, а помал број во Бахреин и Кувајт.































