- Со демографските промени кои се случуваат глобално, рапидно расте процентот на постара популација. Оваа популација има поголеми здравствени потреби, кои треба континуирано и соодветно да се третираат. Во спротивно, не страда само болниот, туку и целото семејство. Таквата грижа треба да ја пружаат специјализирани здравствени установи, вели д-р Нелоска
Јавната здравствена установа Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ – Скопје, по повод патрониот празник, организира Првата годишна научна конференција за геријатриска и палијативна медицина.
Д-р Ленче Нелоска, директорка на установата, смета дека оваа конференција е потребна од неколку причини.
-Со демографските промени кои се случуваат глобално, рапидно расте процентот на постара популација. Оваа популација има поголеми здравствени потреби, кои треба континуирано и соодветно да се третираат. Во спротивно, не страда само болниот, туку и целото семејство. Таквата грижа треба да ја пружаат специјализирани здравствени установи – вели д-р Нелоска.
Геријатриската и палијативната медицина, глобално стануваат критична тема. До 2050 година најголемиот дел од популацијата ќе биде на возраст над 60 години, а тоа ќе има голем импакт на здравствените системи.
-Секоја земја развива сопствен модел соодветно на потребите и можностите. Така, во 2022 година, најголем број кревети по глава на жител, во установи за долготрајна грижа е забележан во Холандија и Шведска, а најмал во во Грција и Бугарија. Кај нас, често не се прави разлика меѓу старски дом, геријатрија и палијативна грижа. Капацитетите на установата се лимитирани и секогаш исполнети, што резултира со листи на чекање и неможност да им се помогне на пациентите и на семејствата, тогаш кога е најпотребно – вели докторката.
„13 Ноември“ – Скопје е специјализирана здравствена установа, единствена од ваков вид во Македонија. Болницата згрижува 340 пациенти.
-Ние обезбедуваме интердисциплинарен пристап во работата, каде во фокусот е пациентот, со стандардизација на квалитетот на здравствените услуги и евалуација на достигнатите резултати. Во рамки на одделот за геријатриска медицина, функционираат помали единици (акутни и хронични), каде се сместени пациентите за долготрајно лекување, најчесто лица над 65 години (состојби после мозочни удари, вигилни коми, кардиолошки, невролошки, психијатриски и други заболувања). Палијативна заштита се спроведува во хосписите „Сју Рајдер“ во Скопје и во Битола. Основната цел е да се достигне најдобриот можен квалитет на животот на пациентите, контрола на симптомите, психолошка, духовна и емоционална подршка, подршка на фамилиите во период на жалоста заради болниот губиток – вели д-р Нелоска.
Во состав на установата функционира и старскиот дом „Мајка Тереза“, каде се резиденти лица кои се самостојни во секојдневните животни активности.
-Познато е дека во Македонија има јавни и приватни домови за стари, во кои заради недосиг на болнички капацитети, неадекватно се сместуваат пациенти со различни здравствени предизвици. Сметам дека е неопходна интерсекторска соработка и координација меѓу здравството и социјалата. Неопходна е категоризација на пациентите но и на установите. Во процесот на планирање и создавање на капацитети треба да се земат предвид и приватните домови, кои би се лиценцирале за определено ниво на нега. Сметајќи ги и овие кревети во Македонија на 100.000 жители со 65+ има 127 кревети во геријатриска установа. Споредено со нашите соседи членки на ЕУ ние имаме подобра позиција, но и покрај тоа капацитетите не се доволни – објаснува докторката.
Кои се приоритетите на кои треба да се работи, за подобрување на геријатриската и палијативната медицина во нашата земја?
-Потребна е стратегија за оваа гранка од медицината, заради трендот на раст на повозрасната популација, како и на малигните болести. Суштинска е интерсекторска координација меѓу секторите здравство и социјала за создавање на модел според наши потреби. Според мене, најефикасен ќе биде регионалниот пристап во планирањето на капацитетите и кадарот – вели д-р Нелоска.
Таа смета дека прв нареден чекор треба да биде демографска процена и проекција по региони во Македонија и анализа на постојните неискористени капацитети. Истовремено, вели, потребна е категоризација на пациентите според дијагноза, степен на попреченост и зависност од туѓа помош.
За тоа како ќе се решава недостигот од јавни капацитети за згрижување на стари лица во државата вели „со создавање на нови и секако со регионално планирање“.
-Паралелно, неопходна е категоризација на установите (јавни и приватни) за специфична категорија на пациенти. На пример: категорија – дом за згрижување; категорија – дом за нега (nursing home); категорија – болница за долготраен престој (геријатрија и палијатива). Исто така, треба да се креира патека на движење на пациентот, врз база на медицина базирана на докази, односно, негово движење од една во друга категотија на болеста како и движење од една до друга лиценцирана установа за определено ниво на грижа – вели д-р Нелоска.
Геријатријата и палијативата не се доволно застапени во програмите на средното медицинско училиште како и на медицинските факултети.
-Потребна е промена во наставните програми и овие две гранки да го добијат неопходниот простор. Медицинскиот факултет во Скопје во 2023 година за прв пат започна со супспецијализација две докторки од нашата установа, кои ќе завршат во март следната година и планираме да пратиме две други – додава нашата соговорничка.































