Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ денеска на прес-конференција ќе информира за објавувањето на првиот том од првиот Македонски етимолошки речник. Автор на речникот е проф. д-р Гоце Цветановски.
– Македонскиот етимолошки речник е од особено значење за македонскиот јазик бидејќи претставува научно втемелено сведоштво за историскиот развој на македонскиот јазик, нуди научно аргументирана анализа на потеклото на македонските зборови, поставени во поширок словенски и индоевропски контекст. Речникот е придонес кон јакнење на научната и на културната самосвест и претставува достоен промотор за меѓународна афирмација на македонскиот јазик како самостоен словенски јазик со сопствена историска и етимолошка традиција. Со тоа, речникот се вградува во темелите на македонското културно и научно наследство и претставува дело со трајна вредност – велат од Институтот.
































