Во организација на клубот за подводни дејности „Охрид“, викендов во Охрид ќе се одржи првиот Конгрес на нуркачи во Македонија.
– Конгресот има за цел размена на искуства, проблеми, замки и трикови во нуркањето, како и соработка помеѓу клубовите и Центрите, но и барање на насоки што може да се направи за иднината на нуркањето во Македонија. Сите учесници на Конгресот, преку 15 минутни излагања, ќе можат да го претстават својот клуб, но и искуства од нуркањата. На Конгресот се поканети сите нуркачи, без оглед на тоа на која Асоцијација припаѓаат или во кој Центар или клуб членуваат – порачуваат организаторите.
Додаваат дека нивна заложба е оваа идеја за комуникација, начин на соработка и дружење да продолжи и во иднина, и дека на овој начин ќе се подигне знаењето, организираноста и безбедноста кај македонските нуркачи на повисоко ниво.
Конгресот ќе биде отворен во сабота, на 3. ноември 2022 година, во големата сала на Општина Охрид, каде пред присутните ќе се обрати и градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков. Следниот ден, во недела, на 4. ноември, предвидено е нуркање и еколошка акција на Градското пристаниште во Охрид.