На мирен протест пред зградата на Општина Кичево, кичевчани денеска го изразија својот револт поради трупањето отпад во халите на поранешниот керамички комбинат „Вранештица“. Тие предупредија дека таа дива депонија во повеќе наврати се замозапалува или некој ја пали, што предизвикува и опасност од пожар и големо загадување на воздухот во нивниот град, а при тоа, како што рекоа, со години никој не го решава проблемот.
Според граѓаните, на оваа дива депонија се носи градскиот отпад и отпад од околните населени места.
– Во неколку наврати објавивме на социјалните мрежи дека овој собир нема никаква политичка боја, нема национален или религиски предзнак. Сите ние го дишеме истиот воздух и патиме од настанатата ситуација со депонијата. Овој протест мораше да се случи, мораше да се покаже нашето незадоволство од институциите и нивниот однос кон овој долгогодишен проблем. Оваа депонија, која институциите милуваат да ја нарекуваат дива, секојдневно ја користат за одлагање на отпадот од градот и околните населени места. Во повеќе наврати бевме убедувани од инситуциите дека оваа депонија е само привремена и дека проблемот со одлагањето на отпадот ќе се реши за краток период, но ние се уште не гледаме дека работата е покрената од мртва точка. Напротив, се забележува дека насобраниот отпад се зголемува и секојдневно расте. Сведоци сме дека депонијата во неколку наврати намерно или случајно се запали, а пред осум месеци бевме сведоци на силен пожар на депонијата, од каде цел град беше обвиткан од густ чад и неподнослива смрдеа цели три дена – рече Бојан Мишкоски, во своето обраќање пред насобраните граѓани.
Револтираните кичевчани велат дека „се крајно разочарани што и Владата и локалната самоуправа не превземаат ништо за решавање на овој долгогодишен проблем. Тие се исплашени за своето и здравјето на своите деца, бидејќи по секое опожарување на депонијата, како што велат еколошките активисти, се шират отровни материи како диоксини и фурани, кои се сериозна закана по здравјето на луѓето, особено на оние кои живеат во непосредна близина на депонијата.
З.А.