ВО САЛОНОТ 19:19 ВО КИЦ-СКОПЈЕ
Со неговото творештво од областа на поезијата и теологијата, епископот Давид (Нинов) е присутен на домашната културна сцена повеќе од триесет години. Збирката „Насекаде“ е обоена со свои законитости, со своја „граматика“ и јасно го изразува ставот на П. Валери дека прозата претставува прошетка на мислата, а поезијата е нејзиниот танц
Во Салонот 19:19 во Скопје завчера се одржа промоција на „Насекаде“ (книгоиздателство „Макавеј“), петтата по ред книга поезија на неговото преосвештенство епископот дремвитски Давид (Нинов). Станува збор за бележит настан во милјето на културните настани на нашиот главен град. Имено, во салата, која беше полна со посетители, за споменатата книга говореа Игор Радев и Јанинка Невчева.
Беше истакнато дека со неговото творештво, од областа на поезијата и теологијата, епископот Давид (Нинов) е присутен на домашната културна сцена повеќе од триесет години. Како поет е застапен во многу антологии на македонската поезија на разни јазици. Помеѓу другото, и предоченото децениско искуство придонесува поезијата на епископот Давид (Нинов) да ја претстави непоимливата стварност како стварност која преку стиховите самата се открива себеси. Во апсолутната смисла на зборот, за нас непоимливото би било неспознајно до тој степен што ние апсолутно ништо не би знаеле за него, не би биле свесни за неговото постоење, доколку не би постоел тој основен факт дека непоимливото е отворено, ни се открива, и ние во него соучествуваме. Оттука, збирката „Насекаде“ е обоена со свои законитости, со своја „граматика“ и јасно го изразува ставот на П. Валери дека прозата претставува прошетка на мислата, а поезијата е нејзиниот танц.
На промоцијата модератор беше Владимир Цветкоски, стихови говореа Томе Витанов и епископот Давид (Нинов), додека со своја брилијантна изведба на Бах настапија Кирил Јосифов (виолончело) и Биљана Јосифова (солистка).
По завршувањето на промоцијата, имавме можност да поразговараме со епископот дремвитски Давид, кој за „Нова Македонија“ накратко изјави: „Поезијата не е секојдневие. Поезијата почнува со одрекување на секојдневието, што воопшто не значи бегство од стварноста, туку го означува одбегнувањето на прозаичноста на постоењето. Поезијата покажува дека нештото постои, па дури и да не се гледа. Поезијата е филтер низ кој треба да помине секојдневието за дејствително да стане стварност“, заврши тој, и со блага насмевка додаде: „Читајте поезија“! Ж.З.