фото: Маја Јаневска - Илиева

Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ денеска, во рамки на едицијата „Посебни изданија“,  ја промовираше книгата „Особености на граматичката категорија преодност на глаголите во македонскиот јазик” од проф. д-р Људмил Спасов. Се работи за негова докторска дисертација која во 1982 ја одбранил на Филолошкиот факултет, под менторство на проф. Ружа Пановска и проф. Блаже Конески.

фото: Маја Јаневска – Илиева

Проф. Људмил Спасов изјави дека научната книга што денеска се промовира е негова најнова, но и најстара, затоа што во основата е неговиот докторат. Како што рече, тогаш тоа претставувало, на некој начин, сензација и новост во науката зашто се однесувало на  граматичката категорија преодност на глаголите. Таа е, рече Спасов, специјална за македонскиот јазик, по која се истакнува неговата посебност, затоа што ја нема во српскиот и во бугарскиот, а ја има во балканските несловенски јазици – грчкиот, албанскиот и, донекаде, во турскиот.

– Имаше една убава, свечена одбрана и ред беше после толку години, децении, оваа книга да се објави. Многу сум благодарен на Институтот за македонски јазик да ја објави книгата која не е еднаква со докторатот. Преработена е, но ги дава најсуштествените работи. Уште во тоа време беше побарана од Конгресната библиотека во САД и оние 10-15 примероци – ракописи од докторатот, коишто беа задолжителни тогаш, се наоѓаат во многу библиотеки. И сега мислам дека ќе има, исто така, голем пласман, многу е цитирана во странските списанија – изјави Спасов.

фото: Маја Јаневска – Илиева

Книгата ја промовираа проф. д-р Искра Паповска-Димкова и проф. д-р Лидија Аризанковска, а за научната и наставната дејност на проф. Спасов се осврна директорката на Институтот, Елена Јованова-Грујовска.

Таа истакна дека Људмил Спасов е „сестран научник и истражувач со светско реноме“ за што, како што рече, „придонесуваат големиот број статии во научни списанија и зборници, учествата на голем број меѓународни конференции и импозантниот број монографии“.

– Кон импозантниот оригинален научен опус на проф. д-р Људмил Спасов се вбројува и најновиот научен труд што неодамна го објавивме, а денес го промовираме – рече Јованова-Грујовска.

фото: Маја Јаневска – Илиева

Меѓу другото, таа посочи дека од 1974 година Спасов целиот работен век го поминал на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици и дека секогаш биле „одлично посетени неговите предавања“ по Фонологија на македонскиот стандарден, Историја на писмениот македонски јазик, Историска фонологија. Историска граматика и лексикологија, Морфосинтакса на македонскиот јазик. Хрватски јазик.

-Мојот прв впечаток за професорот Људмил Спасов од октомври 1984 година досега не се промени: ведар, динамичен, срдечен, љубезен, скромен, а антологиски начитан, образован по светски терк, авангарден, елоквентен, истакна директорката на Институтот.