Фото: П.А.

На Факултет за безбедност во Скопје вчера се одржа промоција на учебникот Еколошка криминалистика од авторката, универзитетски професор, д-р Марина Малиш Саздовска. Со промоцијата се одбележаа и 20 години активно творештво и едукација по предметната програма „Еколошка криминалистика“, од страна на професорката.

Фото: П.А.

На промоцијата свои обраќања имаа проф. д-р Јонче Ивановски, декан на факултетот, проф. д-р Катерина Крстевска Савовска, продеканка за настава, проф. д-р Светлана Николоска, рецензент и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Во минатото сузбивањето на еколошкиот криминал бил на маргините на општественото делување, но во поново време се повеќе се обрнува внимание на овој посебен вид на криминал во земјава. Според авторката, областа на заштита на животна средина се повеќе ќе биде во фокусот на интересот и делувањето, како на меѓународните институции и организации, така и за органите на прогон на национален план.

Фото: П.А.

Проф. д-р Малиш Саздовска напомена дека, за разлика од порано, денес човештвото се соочува со значајни предизвици на планот на заштита на животната средина и сузбивањето на еколошкиот криминал на глобален, регионален и национален план. Таа потенцираше неколку главни предизвици.
Климатските промени поврзани со прашањата од областа на безбедноста, еколошките бегалци и многу други прашања поврзани со заштитата на животната средина. Впрочем, климатските промени се една од милениумските цели на Обединетите нации, и се почесто стануваат проблем од безбендосен и здравствен аспект на населението на планетата Земја.
Со најновите измени на Кривичниот законик на Македонија се прецизираат постоечките и воведуваат нови кривични дела во Глава 22, кои се однесуваат на заштитата на животната средина. Така, на пример, се предвидува и кривичното дело екоцид, за кое може да се изрече и казна затвор од 10 години. Но, се поставува прашањето за подготвеноста на органите на прогон за вршење на криминалистички истраги за еколошките кривични дела во земјата, изготвување на квалитетни кривични пријави и успешно завршување на судскиот процес со изрекување на адекватна санкција за сторителот.

Делувањето на организираните криминални групи се сериозна закана во земјата. Посебно значење имаат сторителите кои вршат пустошење на шума, со што остваруваат висок профит и противправно прибавување на материјална имотна корист, а самото кривично дело е ризик за опстанокот на шумскиот фонд.

Проф. д-р Малиш Саздовска истакна дека Факултетот за безбедност има капацитет во наредниот период, заедно со Министерството за внатрешни работи, да реализира обуки за припадници на униформираната и криминалистичката полиција за стекнувања на знаења и вештини за ефикасно сузбивање на еколошкиот криминал во земјата. Исто така, преку партнерството помеѓу факултетот и министерството, може да се пристапи и кон изготвување на национални стратешки документи, како што се Национална стратегија за борба против еколошкиот криминал, Стандардни оперативни процедури за водење на квалитетни криминалистички истраги и др.

Во своето обраќање министерот Тошковски укажа дека оваа тема е исклучително значајна за Македонија, а глобално е значајна и за светот.
-Темата е значајна за Македонија бидејќи треба одново да создадеме здрав темел и да си го направиме животот поубав за нас и за нашите деца. Јас само би сакал да најавам во насока на вашето дело и она што вие го правите, потребно е специјализирано одделение во рамките на Министерството за внатрешни работи. Најавувам дека во наредната систематизација на министерството ќе предвидиме такво одделение кое што ќе има за задача да работи против еколошки криминал. Ценам дека со зајакнување на капацитетите на конктретно одделение/ единица/сектор ќе треба посоодветно да одговориме на предизвикот кој што е пред нас, но сум убеден и сигурен, ако сакаме да има поздрава животна средина, и соодветно да одговориме на предизвиците од аспект на целокупен одговор на институциите на делот во кризен менаџмент, тука ни треба суштинско реформирање. Потребно е да се обрне внимание и на делот на едукација и обуки кои планираме да ги реализираме во Центарот за обука, а секако и во рамки на средното полицискио училиште кое што, најскоро што може, ќе го ставиме во функција за да можеме да изградиме професионален кадар во рамките на министертвото. Нека се развиваат младите умови на мекедонските студенти, ученици и професионалците во службите – рече министерот.

Фото: П.А.

Како заклучно согледување беше констатирано дека сите надлежни органи треба да постапуваат во рамките на своите надлежности и овластувања со цел преземање на конкретни мерки и активности, а заради ефикасно сузбивање на еколошкиот криминал и создавање на подобар живот за денешните, но и за идните поколенија.