„Македонски дијалектен атлас (од ризницата на картотеката лексички материјали)“ – заедничко издание на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ (Одделение за дијалектологија) и Македонската академија на науките и уметностите (Истражувачки центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“ – ИЦАЛ), кое овој месец ја доби државната награда за наука за 2025 година – „Гоце Делчев”, денеска беше претставено во МАНУ.
Наградата на 4 мај ја добија Веселинка Лаброска, Марјан Марковиќ, Коста Пеев, Васил Дрвошанов, Еленка Стоевска-Денчова, Светлана Давкова-Горгиева, Гоце Цветановски, Македонка Додевска, Дарко Томовски, Давор Јанкуловски, Ангелина Панчевска, Соња Миленковска, Ѓорѓе Геновиќ, и постхумно: Аритон Поповски, Маријана Киш и Убавка Гајдова.
Проф. д-р Веселинка Лаброска, дописен член на МАНУ и една од главните уредници на изданието, истакна дека се работи за капитално дело зашто е опис на дијалектите на целата македонска дијалектна територија.
– Тоа значи не само во границите на нашата држава, туку и во Егејска и во Пиринска Македонија и во границите на Албанија каде што се зборува македонскиот јазик. Имаме обработено 351 пункт, што значи има материјал од толку села, за 35 глави, вкупно милион и петстотини илјади прашања или ливчиња што ги имаме во картотеката на Институтот за македонски јазик. Еден дел од нив се обработени и прикажани во овој атлас, значи 50 карти се обработени и прикажани со, барем, 200 видови на различни збороформи и обработени со етимологија. Тоа е заслуга не само на сегашните туку и на претходните соработници, некои од нив и починати, кои работеле на такви карти. Ние ги преработивме, но во чест на нивното ангажирање решивме да ги вклучиме како автори на атласот… Резултатите се видливи, покажавме нешто што се работело со децении, а ние имавме среќа тоа да го објавиме пред јавноста – изјави Лаброска.
Академик Марковиќ, исто така главен уредник на изданието, истакна дека најважно во проектот е што првпат група од 16 научни работници од двете научни установи (Институтот и МАНУ) соработувале неколку години за, од нивните заеднички сили, како што рече, „да излезе ова капитално дело според реакциите на научната јавност“.
– Тоа ќе овозможи соработката да се развива и во иднина. Нашата експертиза во ИЦАЛ повеќе се заснова на меѓународните лингвистички атласи, што им овозможи, особено на младите колеги, да се вложат и да го пренесат тоа знаење, посебно во техничката обработка, и врз работата на проектот „Македонски дијалектен атлас“ на Институтот за македонски јазик – рече Марковиќ.
Претседателот на МАНУ Живко Попов истакна дека се промовира значајно издание кое е плод на заложбите на основачот на современата македонска дијалектологија Божидар Видоески кој и го почнал и раководел проектот за атласот и по кого денес е именуван Истражувачкиот центар за ареална лингвистика во МАНУ.
– Во најголем дел од авторите на овој том на атласот, токму академик Видоески им беше ментор, прв и главен двигател во нивниот научен развој. Затоа, овој том на Македонскиот дијалектен атлас всушност претставува омаж кон акад, Божидар Видоески и кон сите македонски дијалектолози кои во својата научна кариера оставиле голем придонес во македонската дијалектологија – истакна Попов.
Според директорката на Институтот за македонски јазик, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, научниот свет добива „прегледен атлас на македонските говори, инициран уште во 1959 од акад. Божидар Видоески … „грандиозно дело и траен етнографски документ за колективната меморија на Македонците и сведочи за традицијата, народните обичаи, сфаќањата, верувањата и вербата“.
– Како што од далечната 1959 година па наваму беа академиците Божидар Видоески и Зузана Тополињска, авторите со децении одеа и собираа материјал на терен, пополнуваа прашалници, го внесуваа материјалот во картотеките, го уазбучуваа, го анализираа и го обработуваа. Овој атлас е потврда дека македонските дијалекти се живи и имаат и ќе имаат свој влог во македонистиката, а особено во македонската лексикологија и лексикографија преку лексичкото богатство, преку живиот процес на збогатување на Толковниот речник на македонскиот јазик со влогот на дел од широко распространетата и прифатена дијалектна лексика – рече Јованова-Грујовска.
Објавувањето на ова дело во 2025 го финансирало Министерството за култура и туризам преку Институтот за македонски јазик, како носител на проектот, а Министерството за образование и наука, рече таа, од 1961 година до денес го финансира Одделението за дијалектологија и „Македонскиот дијалектен атлас“ како проект од национално значење.
Изданието што беше денеска претставено е објавено и во дигитална форма на веб-порталот Дијалектни ресурси на македонскиот јазик и, покрај други публикации од дијалектологијата, е бесплатно за користење.