Фото: Приватна архива

Вчера во Бигорскиот манастир беше промовирана монографијата „Светот без Македонија не е цел“ на Киро Кипроски, доајен на македонското новинарство и публицистика, во организација на издавачот НУ Центар за култура АСНОМ – Гостивар. Пред бројната присутна публика за книжевното дело зборуваа рецензентот Марјан Велевски, в.д.главен и одговорен уредник на дневниот весник „Нова Македонија“, проф. д-р Светлана Велјановска, деканка на Правниот факултет – Кичево, при битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“ и уредникот на монографијата и автор Киро Кипроски. Модератор на промоцијата беше актерот Стојче Нешкоски.

Монографија е составена од два дела. Во првиот дел се текстови објавени во нашиот весник во последниве години, надградени, проширени и илустрирани со повеќе фотографии во рубриката „Забележано и необјавено“. Во вториот дел се текстови, исто така објавени во нашиот весник „Нова Македонија“, во редакциската колумна „Наш став“, коментари на теми од сите сфери на живеењето, актуелни и поучни за денес и за во иднина.

Според зборовите на Кипроски, најголемиот број текстови се случиле и се однесуваат на Западна Македонија, непресушен извор на инспирација на авторот, каде што секој камен, секоја тревка крие некоја неискажана приказна. Како вешт ловец на тие приказни, со неверојатна леснотија ги открива и ѝ ги пренесува на читателската јавност. Ако досега тие приказни полни со живот, со љубов, а пред сѐ со родољубие, беа присутни само на страниците на „Нова Македонија“, отсега тие се достапни и за љубителите на убавата литература.

Фото: Приватна архива