Утре во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје
Промоцијата на книгата „Кривичен законик – временско важење на казнените одредби и примена на поблаг закон (1996-2026), со коментар“ од м-р Владимир Панчевски ќе се одржи утре, во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје (од 19 часот).
Станува збор за прво стручно авторско дело што има систематизиран пристап кон Кривичниот законик, односно посветено на најзначајниот закон што ги штити државата, граѓанинот и правдата – Кривичниот законик на Република Македонија.
Ова авторско стручно издание ги следи и ги анализира сите законски измени на Кривичниот законик на Република Македонија од неговото донесување во 1996 година до денес, со јасен приказ на тоа кога секоја одредба стапува во сила, колку долго важи, дали е изменета, укината или заменета со понова верзија и каква правна последица има тоа во пракса. Главниот фокус во стручното издание е на правилната примена на временското важење на казнените одредби и примената на поблаг закон (lex mitior), како една од основните гаранции за владеење на правото, еднаквост и заштита на правната сигурност на граѓаните.
M-р Владимир Панчевски е долгогодишен практичар, поранешен судија и претседател на Кривичниот суд познат како Основен суд Скопје 1, со практично искуство од 30 години во примената на Кривичниот законик, кривичните санкции и уставно-судската пракса.
На промоцијата се предвидени излагања и стручни осврти од рецензентите на книгата: Ставре Џиков, д-р Бранко Секуловски, Лејла Кадриу и Михајло Маневски. Н.М.
































