Прогласат на организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија – друштво „Преспа“ за семакедонско помирување и обединување го поддржа и огранокот за Мала Преспа, на Партијата на слободата на поранешниот претседател Илир Мета.
Потпис врз документот стави локалниот партиски лидер Панди Јани, познат активист за правата на Македонците.
– Обединувањето на Македонците во Албанија станува реалност. Панди Јани докажан борец, млад, енергичен и секогаш на вистинска македонска страна. Го поддржа и потпиша прогласот на друштвото „Преспа“ во име на огранокот за Мала Преспа на Партијата на Слободата – стои во објавата на друштвото.
Претходно Прогласот го потпишаа Никола Ѓурѓај, претседател на МД „Илинден“ – Тирана и Бесник Хасани на МД „Мост“ – Голо Брдо.
Од друштвото информираат дека почнале со одржување средби со Македонците за да ги запознаат со новата стратегија на делување и формирање одбори на друштвото.
– Средба одржавме со жителите на селото Туминец на која ги презентиравме целите, задачите и новата стратегија за понатамошно делување на организацијата. Исто така, беше конституиран и одборот за село Туминец – додаваат од друштвото.
На средбата присуствувале првиот човек на друштвото, Едмонд Темелко, како и членовите Спиро Малевски, Елеонора Мазенковска, Ѓорѓи Андон и Маријана Терпо.
– Тие го изнесоа ставот дека единството на Македонците е од суштинско значење во битката за правата на Македонците и заштита на нивниот национален идентитет, јазик, култура традиции. Обединети и единствени сме посилни – порачале на средбата.