Македонија стана трета членка на НАТО од регионот погодена од сајбер-напади во изминатиот период по Црна Гора и Албанија, додека цел беше и Косово. Универзитетскиот професор од Факултетот за безбедност, Злате Димовски, смета дека нападите ќе се интензивираат доколку не се создаде соодветна заштита, бидејќи Македонија претставува ранливо подрачје. Тој предупредува дека ваквите дејствија можат да предизвикаат создавање на недоверба во државните институции
Министерствата за образование и за земјоделство на Македонија се најдоа меѓу целите во низата сајбер-напади во регионот, во кои во изминатите два месеца беа опфатени владини и државни институции. Веб-страницата на МОН беше недостапна во саботата при што на неа беше испишано името на непозната хакерска група која се претставува како „Нетвочерс“ од Грција, a извесно време објавените линкови водеа кон грчко видео на Јутуб насловено „Позната Македонија“. Два дена подоцна МЗШВ објави дека редовната работа била оневозможена од хакерски напад. Македонија на тој начин стана трета членка на НАТО од регионот погодена од сајбер-напади во изминатиот период по Црна Гора и Албанија, додека цел беше и Косово. Универзитетскиот професор од Факултетот за безбедност, Злате Димовски, смета дека ваквите напади ќе се интензивираат без соодветна заштита бидејќи Македонија претставува ранливо подрачје, при што можат да предизвикаат создавање на недоверба во државните институции.
– Доколку не се заштитиме ќе се интензивираат нападите, зашто ние сме подрачје што е ранливо, со оглед на политичката, економската и енергетската криза низ кои поминуваме. Замислете доколку се случат поголеми напади на институции од тој домен, како што се електричниот систем или безбедносните агенции. Ваквите напади можат да резултираат со градење на мислење, да ги заинтригираат ранливите групи во општество каде што постои одредено незадоволство и да доведат до создавање на колективна апатија, како и до неверување во институциите и нивната подготвеност да заштитат – објаснува Димовски.
Сериозни последици од сајбер-нападите беа видливи во Албанија и особено во Црна Гора, која се соочи со најсилниот удар во регионот. Црногорската извршна власт кон крајот на минатиот месец соопшти дека информациската инфраструктура на Владата е цел на хакерски напад, по што тамошната компанија за електроснабдување превентивно го префрли системот на рачно управување. Црногорската влада побара помош од САД кои испратија тим од експерти на Федералното истражно биро (ФБИ) за да го истражат инцидентот од големи размери. Албанија, пак, се соочува со низа сајбер-напади од средината на јули, со што ја пријави последната забележана закана во саботата. На удар се најде системот ТИМС, односно контролата на албанските гранични премини, а одговорност презедоа хакерите од иранската група „Татковинска правда“. Албанскиот премиер Еди Рама обвини четири хакерски групи поврзани со Иран за нападите од јули, во кои беа погодени тамошните министерства за внатрешни работи и за образование. Ваквата ситуација предизвика прекин на дипломатските односи помеѓу Албанија и Иран по заедничката истрага со САД за инцидентите. Косовските институции, пак, останаа без пристап до интернет по сајбер-нападите за кои истакнаа дека дошле однадвор.
Македонските државни институции се честа цел на хакерски напади во изминатите неколку години, особено кога има важни политички случувања во земјава, по кои во повеќе наврати останаа со нефункционални сајтови и блокирани системи, па извесно е дека треба да ја зголемат внимателноста, земајќи го предвид осетливиот период при соочувањето со економската и енергетската криза. Листата на досегашни „жртви“ на хакерски напади постојано се проширува, а неодамна на неа се најдоа и домашните банки, откако пристапот до нивните интернет-страници привремено беше отежнат како резултат на ДДоС-напад. За време на ланскиот попис, веб-страницата на Државниот завод за статистика и системот за попишување беа цели на напади за кои беше отворена истрага. А во 2020 година се случија сајбер-напади врз сајтовите и мејл-системите на Министерството за здравство и на Владата, потоа врз Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), како и веројатно најсериозниот ваков инцидент, при кој беше блокирана интернет-страницата на Државната изборна комисија (ДИК), односно системот за сумирање на изборните резултати, на денот на предвремените парламентарни избори. М.Ж.
Мора да се гради отпорност со квалитетни кадри
Отсуството на кадар за сајбер-заштита придонесува за подложноста на Македонија кон сајбер-напади според професорот Злате Димовски. Тој затоа ја нагласува потребата од создавање на отпорност кон ваквите појави преку ангажирање на експерти.
– Битно е дека и понатаму се очекуваат сајбер-напади, особено бидејќи сме слаби со кадар за сајбер-заштита. Квалитетните кадри и оние што ги завршуваат студиите со висок просек заминуваат надвор од државата или се вработуваат во странски институции каде што се подобро платени. Тоа е прв проблем и затоа е обврска да се вработат кадри што ќе можат да создадат отпорност на вакви напади. Мора да градиме отпорност и да ги поставуваме вистинските луѓе на вистинските места за да не дојде до несакани дејствија – заклучува Димовски.
Во врска со последните забележани напади, Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) и Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти (МКД-ЦИРТ) препорачаа организациите од јавниот, владиниот и приватниот сектор да извршат безбедносна процена на своите ИКТ-системи и услуги, како и да имплементираат и применуваат превентивни мерки и процедури за заштита.