Илустрација / Фото: Маја Јаневска -Илиева

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ќе ја продолжи седницата за Предлог-буџетот за 2026 година.

Вкупните приходи во Предлог-буџетот за следната година се проектирани на 374,7 милијарди денари, расходите на 413,9 милијарди денари, а капиталните инвестиции на 40,5 милијарди денари или 650 милиони евра. Економскиот раст е проектиран на 3,8 проценти, инфлацијата на 2,5, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП.

-Ова не е само уште еден документ со бројки и табели, ова е економска порака за стабилност, доверба и развој, како и јасен доказ за одговорното управување со јавните финансии што го воспоставивме и го продолжуваме со полн капацитет – рече вчера министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска која пред матичната собраниска Комисија го образложи Предлог-буџетот за 2026 година.

Како што напомена Димитриеска-Кочоска, Владата ја зајакнува довербата во институциите, ја поддржува улогата на приватниот сектор како двигател на економскиот раст и создава услови за интензивирање на домашните и странските инвестиции.

Со Предлог-буџетот за 2026 година, дополни, Владата ја задржува  конзистентноста во економските политики и континуитетот со Фискалната стратегија 2026–2030 година.

-Буџетот за 2026 година е доказ дека можеме да управуваме паметно, дисциплинирано и визионерски, дури и во време на предизвици. Овој документ зборува за економија што расте, за држава што инвестира и за Влада што знае што прави – потенцира министерката.

Според неа, најважно за оваа Влада е тоа што не зборува многу, туку испорачува.

-Ветивме постепена фискална консолидација, како пред граѓаните така и пред меѓународните финансиски институции и остануваме на ветеното, подвлече Димитриеска – Кочоска.

Приватната потрошувачка, е проектирана со раст од 2,6%, јавната потрошувачка ќе се одржи умерена, со раст од 1,4% во насока на фискална дисциплина, а инфлацијата ќе се стабилизира околу 2,5%, во услови на стабилни цени на меѓународните пазари. Позитивните трендови ќе се одразат и на пазарот на труд – се очекува раст на вработеноста и зголемување на просечната нето-плата за 6,5%. Ова ќе биде како резултат на отворање нови производствени капацитети, проширување на постојните, како и на активните мерки и програми за вработување што Владата ги спроведува.

-Вкупно гледано, проекциите за 2026 година укажуваат на континуитет на економската стабилност и раст, заснован на одговорни фискални политики, инвестиции во инфраструктура и човечки капитал, како и поттикнување на продуктивноста и конкурентноста на домашната економија – кажа министерката.

Според информациите објавени на веб страницата на Собранието, за Предлог-буџетот се поднесени над 100 амандмани.

Пленарната седница на која ќе се разгледува Предлог-буџетот за 2026 година, според најавите, е планирано да се одржи на 9 декември.