Во текот на вчерашниот ден, полициските служби на територијата на целата држава привеле 15 возачи. Од нив, десет лица управувале возило без положена возачка дозвола, тројца возеле и покрај тоа што им била изречена забрана за управување моторно возило од Б категорија, едно лице било затекнато под дејство на алкохол, а еден возач истовремено управувал возило без дозвола и под дејство на алкохол – информира Министерството за внатрешни работи.
Според деталите, двајца возачи во Скопје и по еден во Пробиштип, Старо Нагоричане, Куманово, Радовиш, Гевгелија, Гостивар, Тетово и Битола биле затекнати без возачка дозвола. Во Скопје, Велес и Гостивар по еден возач управувал возило и покрај активна забрана, додека во Штип е регистриран случај на управување под дејство на алкохол. Во Кавадарци, пак, еден возач бил затекнат без дозвола и под дејство на алкохол, пренесе МИА.
Сите лица се приведени во полициски станици, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен испит, со изречена забрана или под дејство на алкохол, со цел да се обезбеди поголема безбедност во сообраќајот.

































