Фото: Нова Македонија

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција побара од Основниот кривичен суд Скопје да определи мерка притвор за директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, осомничен за примање поткуп.

Според Обвинителството, по спроведена предистражна постапка и координирана акција со полицијата, донесена е наредба за отворање истрага против едно лице за кривичното дело „примање поткуп“, пренесе МИА.

Осомничениот, во периодот од почетокот на месецот до неговото апсење, како службено лице побарал значителна имотна корист за да изврши службено дејствие, вршејќи притисок да не се дозволи увоз на стока за одредена компанија, иако истата претходно била редовно увезувана.

Како што наведуваат од ОЈО ГОКК, по задржување на стоката на граничен премин и по барање објаснување од страна на увозникот, осомничениот директно побарал поткуп за да го одобри увозот и за идни постапки.

Договорениот износ изнесувал 100.000 евра, од кои првата рата од 50.000 евра била предадена преку посредник – шпедитер. По примопредавањето на средствата, осомничениот бил лишен од слобода од полициски службеници.

Од Обвинителството посочуваат дека обезбедените докази укажуваат на основано сомнение за сторено кривично дело, поради што е поднесен предлог за определување притвор.