Приоритет на Владата е да се обезбедат помали трошоци за живот и повисоки примања за вработените, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја анализата на Државниот завод за статистика за исплатените плати во јануари.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски посочи дека продолжувањето на трендот на раст на платите е позитивен податок, но нагласи дека цел на извршната власт е континуирано сузбивање на инфлацијата и подобрување на стандардот.
– Апсолутно секогаш радува податокот кога продолжува трендот на раст на платата, вклучително и во месец јануари, она што го кажа и го објави Статистика. Дали е тоа доволно, не. Секогаш треба повеќе и ќе се трудиме како Влада да имаме што помали трошоци за живот, односно инфлација, а што повисоки примања кај вработените. Тоа претставува наша цел како Влада и прв приоритет. И така се однесувавме до сега, така и ќе се однесуваме во иднина – изјави Мицкоски, пренесе МИА.
































