Фото: Ка.М.

Прилепската болница со проширена дејност „Борка Талески“ доби нова опрема вредна над 50 милиони денари од Министерството за здравство, со што се зајакнуваат здравствените капацитети на установата. Поголем дел од опремата е за потребите на одделението за гинекологија и акушерство и опфаќа современи апарати и нови гинеколошки столови.
– Првпат во Прилеп ќе се воведe лапароскопија и хистероскопија, што претставува голем напредок во гинеколошко здравствената заштита. Пациентите нема да треба да патуваат во други градови за вакви интервенции. За таа цел договрено е од идната недела лекари од Скопје да доаѓаат тука. За гинеколошкото одделение е обезбеден дигитален електрокаутер, современ апарат за безбедни и прецизни хируршки интервенции и контрола на крварење – рече министерот за здравство Азир Алиу.

Фото: Ка.М.

Алиу посочи дека по изборите ќе бидат врачени решенијата за неопределна работа на 124 лица, од кои 21 доктор, 49 медицински сестри, 34 болничари, 6 физиотерапевти и друг медицински и технички кадар.
Директорот на болницата д-р Кире Јоноски, рече дека досега успеале да санираат дел од долговите, да внесат инвестиции од над 55 милиони денари од сопствени средства и од Фондот за здравствено осигурување, со што болницата е ликвидна. Ка.М.