При спроведен надзор над работењето на финансиските друштва се констатирани одредени измамнички трговски практики, кои, меѓу другото, се однесуваат на начинот на рекламирање на финансиските услуги и други дејствија спротивни на Законот за заштита на потрошувачите – информира Министерството за финансии.
-При надзорот констатирани се рекламирање со 0 отсто камата, иако во договорот за кредит биле предвидени други дополнителни трошоци. Исто така, констатирани се неправилности коишто се однесуваат на рекламирање на финансиски услуги под брендови без да се наведе финансиското друштво коешто ја нуди конкретната услуга, потоа користење повеќе веб страници од страна на исто финансиско друштво, како и користење назив на друштвото во деловните простории различен од називот утврден во дозволата за работа на финансиското друштво – соопшти Министерство за финансии.
На сите финансиски друштва кај кои се утврдени неправилности Министерството за финансии им наложило да ги отстранат сите реклами и натписи во деловните простории кои би можеле да ги доведат граѓаните во заблуда. Во спротивно, како што посочуваат од Министерството, ќе бидат преземени соодветни мерки со цел заштита на граѓаните како корисници на финансиските услуги, пренесе МИА.
-Во насока на усогласување со законските одредби, финансиските друштва се должни да го користат исклучиво називот согласно дозволата за работа издадена од Министерството за финансии, како и користење една веб страница, која јасно укажува за кое финансиско друштво станува збор. Согласно Законот за заштита на потрошувачите одредена трговска практика се смета како измамничка доколку во содржината изостануваат битни инфромации што на потрошувачот му се потребни за да донесе правилна одлука – прецизираат од Министерството за финансии.
































