Фото: Маја Јаневска Илиева / Архива

Превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и од Црна Гора утре на пладне започнуваат протест со блокада на граничните премини за влез и излез на товарни моторни возила, сè до надминување на проблемот со евиденцијата на престојот на возачите во Шенген- зоната.

Од асоцијацијата „Макамтранс“ информираа дека ќе бидат блокирани граничните премини Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце, Блато и Стење, при што ќе се затворат граничните терминали и коловозните ленти исклучиво за товарен сообраќај, додека патничкиот сообраќај ќе се одвива непречено.

Протестот за излез од државата ќе започне во 12 часот, а за влез во 24 часот, со цел домашните превозници што се враќаат да стигнат до своите бази. Блокадата може да трае еден ден, доколку има соодветен одговор од Европската Унија, во спротивно, најавено е дека ќе трае до седум дена.

Во договор со здруженијата од регионот, ќе биде дозволен премин само за возилата што превезуваат лекови, жива стока, муниција и експлозив. Протестот, по барање на организаторите, ќе го обезбедува полицијата.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, изјави дека Владата целосно го разбира револтот на превозниците и веќе една година разговара со Европската комисија за надминување на проблемот.

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, предупреди дека новите правила ќе имаат исклучително негативно влијание врз бизнисот и врз странските инвестиции.