Во пресрет на почетокот на ловната сезона 2023/24 во Крива Паланка полициски службеници од Полициските станици за ГН и ГП Деве Баир и Крива Паланка одржаа работна средба со членови на ловното друштво „Осогово“, која што беше фокусирана на соработката и заедничките превентивни мерки и активности меѓу полицијата и ловното друштво „Осогово“ во насока на почитување на законите од оваа област и безбедно одвивање на сезоната.
Како што се наведува во соопштението од МВР, притоа полициските службеници нотираа повеќе важни укажувања, како што се задолжително носење на дозволи за поседување и носење оружје, задолжително пријавување на евентуалните движење долж граничната линија, неносење на лов на малолетни или други лица, и секако внимателност за безбедно одвивање на сезоната. Напоредно со ова, вчера и полициски службеници од Полициската станица за ГН Попова Шапка имаа средби и разговори со месното население од селата Шипковица, Бродец, Вешала и Бозовце со цел превенирање и заштита на шумите од пожари и почитување на забраната за движење низ шумите.
Покрај ова, вчера и на подрачјата на Секторите за внатрешни работи Битола и Штип беа реализирани превентивни активности и тоа од областа на безбедноста на сообраќајот во Крушево и во Делчево и од областа на превенција од имотни деликти во Штип и, исто така, во Крушево.