Разговор со Горан Ангеловски, претседател на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП)
РСБСП, преку свои претставници, учествува во работата на координативното тело при Владата, чија задача е изготвување на третата национална стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата. РСБСП ќе настојува во националната стратегија да се предвидат мерки за постојано јакнење на оперативните капацитети на сите надлежни органи, организации и институции и силен ангажман и меѓусебна соработка, како и мерки за силна и постојана едукација за поголема одговорност на секој учесник во сообраќајот
Живко Здравкоски
Во изминатиов период во повеќе наврати ја анализиравме состојбата со сообраќајот во Македонија, особено патните сообраќајни незгоди случени во подолг временски период. Притоа констатиравме енормно зголемени бројки на незгоди и повредени, а последните три години и на загинати, што бездруго загрижува и повикува на мобилизација на сите релевантни фактори во превенција на сообраќајните незгоди. Во таков фронт за спречување негативни поведенија на учесниците во сообраќајот, неопходно е усогласено учество на повеќе државни институции, меѓу кои се Министерството за внатрешни работи (МВР) и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП). За местото и улогата на РСБСП, особено на полето на превенцијата, разговараме со неговиот претседател Горан Ангеловски, магистер по безбедносни науки, кој целиот работен стаж од 30 години го минал во МВР, работејќи во Секторот за сообраќај.
Дали е можно, и како, да се намалат најчестите причини за сообраќајни незгоди?
– Справувањето со причините што најчесто доведуваат до сообраќајни незгоди – како што се брзото возење, непочитување на правилата за првенство за минување, недржење страна и правец на движење, управувањето под дејство на алкохол, како и воопшто непочитувањето на сообраќајните правила – е цел кон која се стремиме, за што е потребен системски пристап. Тоа подразбира комбинација од законска регулатива, засилено спроведување контролни механизми од надлежните институции, постојана едукација и промоција на сообраќајната култура. Превентивните активности и свесноста кај возачите се клучни за долгорочно намалување на ризиците и последиците од сообраќајните незгоди. Лична одговорност, свест и совест, сообраќајна култура, толеранција и максимално почитување на сообраќајните правила и прописи од секој учесник во сообраќајот се единствен начин да се намали бројот на загинати и повредени во сообраќајни незгоди.
Има ли показатели кои учесници се најранливи категории во сообраќајот?
– Во согласност со националните и европските статистички индикатори, најранливи категории се пешаците, велосипедистите, мотоциклистите и возачите на електрични тротинети. Една од причините зошто пешаците толку многу страдаат, покрај грешките на возачите и несоодветната сообраќајна инфраструктура, е и нивното непочитување на сообраќајните правила и прописи. За жал, секојдневно можеме да видиме пешаци како поминуваат улица надвор од пешачки премин, на црвен пешачки семафор, како се движат меѓу две коловозни ленти, меѓу возила во движење, но и пешаци што не ги следат случувањата во сообраќајот поради користење мобилен телефон или слушање музика. Непотребното и долго задржување на коловозот, особено на повозрасните пешаци, е редовна појава. Пешаците се најмасовна и најранлива, но и најмалку контролирана и најмалку санкционирана група учесници во сообраќајот. Во согласност со искуствата и анализите, кај пешаците недостигаат чувство за нивното активно учество во сообраќајот и одговорност дека и за нив важат сообраќајните правила и прописи, што резултира со голем број загинати и повредени пешаци. И кај возачите има одговорност и вина. Црната статистика е последица на непочитување на сообраќајните правила и прописи од пешаците и од возачите.
Дали еден од најголемите проблеми е и ниското ниво на сообраќајна култура?
– Сообраќајната култура е мошне важен елемент на безбедноста во сообраќајот, претставува познавање, постојано почитување и применување на сообраќајните правила и прописи и поседување вештини да се управува возило. Таа претставува начин на перципирање на односите во сообраќајот, начин на движење и однесување во сообраќајот, со цел непречен и безбеден сообраќај. Процесот на едукација и градење на сообраќајната култура е многу полесен од процесот на промена на навиките и културата во сообраќајот. Искуството покажува дека ги учиме децата на многу работи, а недоволно ги учиме како да бидат безбедни и примерни учесници во сообраќајот. Нужно е тоа да го правиме постојано, од нивната најрана возраст. Семејството и воспитно-образовните институции имаат важна улога во развивањето на сообраќајната култура на децата. Односот на родителот, без разлика дали е пешак или возач на возило во кое се вози и детето, како и почитувањето на сообраќајните правила од страна на возрасните, има големо влијание во развивање на сообраќајната култура кај детето како учесник во сообраќајот. Да се биде позитивен пример за децата во сообраќајот, бидејќи на тој начин ги штитиме од повреди и загуби во сообраќајот. Најголем дел од учесниците во сообраќајот се единствени во ставот дека сообраќајната култура и етика не се на потребното и на посакуваното ниво, но, за жал, речиси сите ги бараат причините, вината и пропустите кај другите, а истовремено заборавајќи дека сообраќајот е сложен систем, мозаик во кој сите партиципираме. Унапредување на културата, етиката и толеранцијата во сообраќајот значително ќе придонесе за побезбеден и посмирен сообраќај и за помалку сообраќајни незгоди.
Дали треба мобилизација на што е можно повеќе чинители во општеството за да се спречи растот на поразителните статистики за сообраќајните незгоди?
– Безбедноста во сообраќајот е општествена одговорност и бара интегриран пристап. Полицијата, локалната самоуправа, образовните институции, медиумите, родителите, бизнис-секторот и граѓанските организации мора да дејствуваат координирано. Потенцираме дека најдобри резултати се постигнуваат преку спроведување превентивни и репресивни мерки. Тоа е концепт што и ние го следиме. Примарна цел на РСБСП е едукација и подигање на јавната свест кај учесниците во сообраќајот, а казните во основа се наменети за оние кај кои на друг начин не можеме да влијаеме да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, бидејќи главната цел на казнувањето е да ги одврати учесниците во сообраќајот од чинење прекршоци.
Дали подготвувате стратегија за да се намалат многуте сообраќајни незгоди?
– РСБСП, преку свои претставници, учествува во работата на координативното тело при Владата, чија задача е изготвување на третата национална стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата. РСБСП ќе настојува во националната стратегија да се предвидат мерки за постојано јакнење на оперативните капацитети на сите надлежни органи, организации и институции и силен ангажман и меѓусебна соработка, како и мерки за силна и постојана едукација за поголема одговорност на секој учесник во сообраќајот. Советот изработи и издаде повеќе едукативни материјали, прирачници и публикации, и тоа за децата од најмала возраст, прирачник за родителите, за младите возачи, за стручниот кадар што работи во автошколи и испитни центри за полагање возачки испит, продуцираше повеќе едукативни видеоматеријали за безбедноста во сообраќајот, а при крај е изготвување видеоспот за прописно и безбедно возење по експресен пат.
Какви се очекувањата во РСБСП во однос на програмата „Безбеден град“?
– Програмата „Безбеден град“ има потенцијал да донесе суштински промени, особено во урбаните средини со најголем број прекршоци. Очекуваме дека со интегрирана примена на технички средства за надзор, засилено полициско присуство, спроведување брза и ефикасна казнена постапка, ќе се постигне значително намалување на прекршоците. Според нас, придонес во подобрување на состојбата ќе даде и иницијативата за измена на постојната законска регулатива во насока на заострување на казнената политика, каде што се предвидува одредени потешки прекршоци од областа на сообраќајот да се третираат како кривични дела, како и дополнителните мерки за овие прекршоци, привремено или трајно одземање на возилото како предмет со кој е извршено казненото дело.
Гледате ли решение за намалување на масовната употреба на мобилни телефони од страна на возачите?
– Управувањето со моторно возило е една од најкомплексните активности, бидејќи бара извршување на многу операции и дејства во кратко време. Користењето на мобилниот телефон додека се управува со моторно возило дополнително ги оптоварува видот и слухот, кои спаѓаат во групата на најоптоварени сетила, ја намалува способноста за реакција и ја намалува концентрацијата. Сите возачи знаат, голем број ја почувствувале таа опасност и тој ризик од користењето мобилен (особено паметни телефони), но и покрај тоа многу од нив секојдневно користат мобилен телефон додека возат. Според истражувањата на Светската здравствена организација, употребата на мобилен додека возите ја зголемува опасноста од сообраќајна незгода од четири до девет пати. Тоа е една од водечките причини за несреќи.
Дали поставувањето лежечки полицајци и повеќе пешачки премини е решение за намалување на незгодите?
– Една од најефикасните технички мерки за намалување на брзината на движење на возилата е поставувањето технички средства (вештачки испакнатини, плато, вибрациони и звучни ленти…) за забавување на сообраќајот. Заедно со јасно обележани, означени и осветлени пешачки премини (особено во близината на училишта, градинки и фреквентни булевари), тие технички средства уште повеќе го зголемуваат вниманието на возачите. Сепак, овие мерки мора да бидат дел од поширока стратегија што ја комбинира инфраструктурата со образовни и казнени механизми, со цел создавање безбедна и предвидлива сообраќајна средина.
Како да се зголеми безбедноста на децата во сообраќајот, особено во близината на градинките, основните и средните училишта?
– Тоа бара системски и мултидисциплинарен пристап. Подразбира преземање соодветни инфраструктурни мерки (определување „зони на смирен сообраќај“, „зона школо“, изградба на осветлени пешачки патеки и пешачки премини), инсталирање средства за смирување на сообраќајот, засилени контроли и преземање поригорозни мерки против прекршителите, особено на сообраќајниците што гравитираат околу образовните институции. Секако, треба образование и едукација на децата и возрасните. Во рамките на своите надлежности, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот, во соработка со општинските совети и МВР, секоја учебна година, континуирано во текот на првото и второто полугодие спроведува сообраќајна, воспитна и едукативна активност за унапредување на безбедноста на децата во сообраќајот и унапредување на сообраќајната едукација, култура и етика кај децата. РСБСП во мај организираше кампања „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, со настани во повеќе населени места.