Во овој случај сметам дека се сака да се оди на лов на вештерки и ако 12 години казна е изречена некогаш во историјата на правото на Македонија. Пресудата од 12 години тврдам е донесена под огромен притисок од јавноста, тука важеше начелото „око за око, заб за заб“ – изјави бранителот на Васил Јованов, адвокатот Сашко Дуковски, во изјава за медиумите по денешната јавна седница пред Апелација, по жалбите на пресудата на Основниот кривичен суд Скопје од 13 мај годинава со која Јованов беше осуден на казна затвор од 12 години за прегазувањето на Фросина Кулакова во јануари на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.
Според Дуковски, судот испитува дали признанието на вина е доброволно дадено и дали каењето е вистинско, посочувајќи дека тоа е направено повеќе пати и дека тоа го потврди и вештачењето.
-Не може четири пати да се каете. На судењето пред првостепениот суд ние изведовме како доказ видео веднаш после настанот каде што се гледа искрено, категорично и недвосмислено каење со зборовите „леле што сторив, греота за девојчето“. Тоа не е искрено? На самото рочиште го кажа тоа, кај судијата на претходна постапка, во вештачењето. Не можете вие да го измамите вештото лице, кое што е вештак Маркециќ, ангажиран од страна на Обвинителството долги години, кој што тврди дека каењето е сериозно, лично и недвосмислено – изјави Дуковски.
Според Дуковски, многу потешка сообраќајка со два повеќе престапи, како бегање од лице место и со повреда на уште едно лице, а се друго исто, завршиле со осум години затворска казна.
-Тоа е целта на признанието на вина. Да се избегнат скапи и долги судења, да му се каже на обвинетиот дека не се исплати да се занимава со криминал, но и тој да добие некој бенефит. Каков бенефит вие имате со 12 години. Пресудата од 12 години тврдам е донесена под огромен притисок од јавноста, тука важеше начелото „око за око, заб за заб“ и јавноста му пресуди на Васил Јованов. Јас не барам да му се даде орден за тоа што го направил, но да се даде разумна казна во рамките на судската пракса досега за вакви кривични дела. Инаку, сообраќајки имало и ќе има – изјави Дуковски.
Пред Апелациониот суд Скопје денеска се одржа јавна седница по жалбите на пресудата на Основниот кривичен суд Скопје од 13 мај годинава со која Васил Јованов беше прогласен осуден на казна затвор од 12 години, врз основа на признание на вина за делото „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ за прегазувањето на Фросина Кулакова во јануари на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.
Фросина Кулакова од Неготино на 29 јануари годинава беше прегазена додека поминувала пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во близина на Универзалната сала во Скопје. Дваесет и двегодишната девојка беше прегазена од дваесетгодишниот Васил Јованов од Скопје, кој, според обвинителството, возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло.