Претседателот на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците Љупчо Пренџов на прес-конференцијата по јавната расправа за потребата од измени на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот, изрази задоволство што заклучоците од расправата биле донесени едногласно.
Тој ги презентира сите 10 заклучоци кои меѓу другото имаат за цел намалување на бројот на сообраќајни прекршоци и кривични дела против безбедноста на јавниот сообраќај преку подигнување на одговорноста и свеста на сите учесници во сообраќајот и преку елиминирање на неказнивоста на сторителите, заострување на казнената политика преку изменување и дополнување на Кривичниот законик и сите релевантни закони заради нивно меѓусебно усогласување најдоцна до крајот на 2025 година.
Со заклучоците, додаде тој се бара од МВР да ги забрза активностите околу целосно и ефикасно имплементирање на системот „Безбеден град“, кој ќе овозможи автоматско констатирање на сообраќајните прекршоци најдоцна до крајот на годинава, како и да се донесе меѓуресорски стратешки акциски план за забрзување на активностите за вмрежување меѓу МВР со судовите и обвинителствата со што ќе се овозможи побрза комуникација и намалување на можностите од злоупотреба на системот.
Заклучоците ќе бидат доставени до Владата, РСБСП, АВМУ и сите поканети учесници на оваа јавна расправа, а ќе бидат објавени и на веб-страницата на Собранието. Тој очекува тие да бидат вметнати во Кривичниоит законик.
-Овие заклучоци и препораки ќе бидат доставени до сите надлежни институции и очекуваме најдоцна до крајот на 2025 година да се постапува по нив. Што ќе биде ставено во новиот Кривичен законик ќе видиме кога ќе стигне во Собранието. За тоа како ќе изгледа Кривичниот законик на крајот на денот одлучуваат пратениците во Собранието, а се разбира дека како пратеници ќе имаме време, волја и желба да видиме што е тоа што е ставено во него согласно заклучоците од оваа расправа, рече Пренџов, повторно изразувајќи задоволство што заклучоците се донесени со консензус.
Тој ја истакна важноста на превентивните мерки уште од најрана возраст од предучилишна возраст.
Во однос на заострувањето на казните, рече дека нема да лицитира, туку дека казните кои ќе бидат предложени очекува да бидат образложени од експерти.
Јавната расправа почна на 7 февруари, а се обратија министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за правда Игор Филков, претседателот на Републичкиоит совет за безбедност Горан Ангелковски, професори од Правниот факултет и други претставници од надлежни институции.
Тошковски тогаш истакна дека фокусот не смее да биде само на законите, на заострување на казните, туку на градење на систем којшто ќе овозможи конкретно елимирање на неказнивоста. Во делот на законските измени, тој меѓу другото побара да се предвиди инкриминирање на управување на моторно возило без положен возачки испит, да се размисли за воведување задолжителна мерка – одземање на возилото при најтешките случаи на безобѕирно возење, и да се прошират можностите на системот „Безбеден град“ во делот на автоматско санкционирање на нерегистрирани возила.
Иницијативата за јавната расправа уследи по случајот со Фросина Кулакова која на 29 јануари беше прегазена на пешачки премин на булеварот „Партизански Одреди“ од страна на 20-годишниот Васил Јованов од Скопје.
Иницијативата за одржување на јавната расправа беше поднесена од страна на пратеници од владејачките ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ, а поддршка дадоа пратениците од сите политички партии.