Здравствените работници и корисниците на услугите на Фондот за здравство да имаат трпение. Ова е пораката која ја испрати премиерот Димитар Ковачевски откако беше најавен протест поради ненавремена исплата на средства поради хакерскиот напад. Премиерот посочува дека станува збор за хибридна војна каде нападнат е системот на ФЗО, а решение за исплата веќе е најдено.
– Се работи за хакерски напад на ФЗО. Исти тип како што го имаше Министерството за земјоделие и други институции. Тоа е дел од хибридната војна која се води во Европа покрај класичната војна која се води во Украина со нападот од страна на Русија. Со вакви напади беа изложени голем број на институции во голем број на држави и тоа особено членки на НАТО. Во моментов тимовите на Министерството за здравство и ФЗО, работат со експерти и професионалци од Германија и други држави со цел да се реши проблемот со хакерскиот напад во ФЗО бидејќи во овој момент не може да тече исплатата од ФЗО по различни основи – посочува Ковачевски.
Имало разговор и со Министерството за финансии.
– Јас разговарав со министерот за финансии, кои ќе имаат решение, но свесен дека вработените немаат плата а имаат обврски за исплаќање – разговаравме да се исплатат плати преку централниот трезор, а потоа да се направи порамнување со трезорот во ФЗО. Се работи за комплексна операција Јас упатувам апел до сите вработени во здравствениот систем, до сите корисници на услугите, да имаат трпение, бидејќи вработените деноноќно работат за овој проблем да биде решен во корист на сите корисници на услугите – додава премиерот.