Ексклузивен разговор со поглаварот на Исламската верска заедница
– реис-ул-улема Х. Хфз. Шаќир еф. Фетаи, по повод празникот рамазан бајрам

Поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ), реис-ул-улема Х. Хфз. Шаќир еф. Фетаи, во разговор за „Нова Македонија“ по повод денешното славење на Фитр бајрам од страна на верниците од муслиманска вероисповед, се осврнува на значењето на големиот празник, неговата обединувачка улога во општеството, како и на самото празнување при предизвиците на денешното секојдневие.

Какво е духовното значење на завршувањето на Рамазан и празникот Фитр бајрам?

– Завршувањето на Рамазан и доаѓањето на Фитр бајрам претставуваат врв на духовното возвишување на верникот. Ова е празник на благодарност кон Семоќниот Господ, но и потврда дека човекот преку постот, молитвата и добрите дела успеал да ги зајакне својата вера и морал. Фитр бајрам нè потсетува дека вистинските вредности треба да продолжат да живеат во нашето секојдневие.

Зошто се важни милостината зекат и садакатул фитр и како ги доживуваат верниците?

– Зекатот и садакатул фитр претставуваат две од најважните форми на солидарност во исламот, кои немаат само духовна димензија туку и директно влијание врз одржувањето и развојот на верско-образовните институции, како медресата „Иса-бег“ и Факултетот за исламски науки. Овие две финансиски обврски се конкретен доказ за посветеноста на верниците кон верата и општеството. Преку нив се обезбедува стабилно функционирање на институциите чија мисија е едукација и формирање верски кадри, кои подоцна ги носат и ги пренесуваат исламските вредности во општеството. Важноста на зекатот се состои во тоа што тој не помага само на луѓето во потреба туку и ги поддржува институциите што го едуцираат и го водат заедништвото. Додека садакатул фитр, како форма на духовно прочистување и солидарност во пресрет на Бајрам, ги зајакнува општествените врски и директно придонесува за заедничката благосостојба.
Придонесите на верниците преку овие две форми овозможуваат континуитет на верскиот живот, зачувување на традицијата и развој на исламското образование. Тие обезбедуваат институции како медресата „Иса-бег“ и Факултетот за исламски науки да продолжат да бидат извор на знаење, воспитување и насока за младите генерации. На овој начин, зекатот и садакатул фитр не се само верски обврски туку и темелни столбови што ја гарантираат одржливата иднина на верскиот и образовниот живот во земјата.

Како празникот се вклопува во предизвиците на денешното општество и како се одвива празнувањето во нашата заедница?

– Во современото време, исполнето со голем број предизвици, Фитр бајрам доаѓа како порака за враќање кон вистинските вредности. Во нашата заедница, празникот се одбележува со достоинство – преку заедничка молитва, семејни средби и засилени хуманитарни активности. Тоа е момент кога се зацврстува заедништвото и се потврдува дека преку верата, солидарноста и меѓусебната поддршка можеме да изградиме посилно и похумано општество.

Како придонесува празникот за зајакнување на семејните и соседските врски?

– Празникот ги обединува семејствата, ги зближува соседите и ги обновува човечките врски, потсетувајќи нè дека вистинската сила на едно општество лежи во меѓусебната почит и грижа.

Што би сакале да им порачате на верниците и воопшто на младите генерации за празникот?

Ги повикувам верниците, а особено младите, да ја чуваат суштината на вредностите што ги носи Рамазан – искреноста, трпението и хуманоста. Да градат иднина врз знаење, морал и духовна свест, бидејќи само така можеме да имаме здраво и достоинствено општество.
Пораката на поглаварот на Исламската верска заедница – реис-ул-улема Х. Хфз. Шаќир еф. Фетаи, е пример за мудро и одговорно лидерство, кое ги надминува границите на религијата и допира до универзалните човечки вредности. Со својата искреност и посветеност, тој испраќа силен апел до сите генерации – особено до младите – да градат живот исполнет со морал, знаење и човечност. Токму ваквите пораки се темел за создавање здраво, стабилно и просперитетно општество. Како медиум, ја поздравуваме и целосно ја поддржуваме оваа визија, уверени дека вредностите што ги истакнува се патоказ кон подобра иднина за сите граѓани.