Горан Ангеловски

РАЗГОВОР СО М-Р ГОРАН АНГЕЛОВСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕПУБЛИЧКИОТ СОВЕТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА СООБРАЌАЈОТ НА ПАТИШТАТА

  • Во неделата, 16 ноември, традиционално, како и во секоја трета недела од ноември, РСБСП го одбележа Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајните незгоди. За ова и другите актуелности чија цел е подобрување на безбедноста во сообраќајот разговараме со претседателот на РСБСП, м-р Горан Ангеловски, кој изминатите неколку недели учествуваше на повеќе национални и регионални конференции посветени на подобрување на безбедноста во сообраќајот

На стручните собири, како и на терен, за учесниците во сообраќајот е воочливо мошне корисно значајно дејствување на Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), преку кампањи, проекти и други активности. Во неделата, 16 ноември, традиционално, како и во секоја трета недела од ноември, РСБСП го одбележа Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајните незгоди. За ова и за другите актуелности разговараме со претседателот на РСБСП, м-р Горан Ангеловски, кој изминатите неколку недели учествуваше на повеќе национални и регионални конференции посветени на подобрување на безбедноста во сообраќајот. Признание за работата на РСБСП дојде и од 14-та Меѓународна конференција за безбедност на сообраќајот во локалните заедници, која се одржа во Бања Лука, Босна и Херцеговина. Посветеноста на РСБСП во спроведувањето на кампањите и активниот придонес на советот беа препознаени и од страна на организаторите на третиот Македонски конгрес за патишта – 2025, кој се одржа во Скопје, каде што, во рамките на конгресот, РСБСП доби бронзена плакета за особен придонес во унапредувањето на безбедноста во сообраќајот на патиштата.
– Најпрво, дозволете ми да ѝ се заблагодарам на редакцијата на „Нова Македонија“ за интересот и можноста преку ова интервју да се обратам до јавноста и да укажам на најважните аспекти поврзани со безбедноста на сообраќајот во нашата земја. Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата континуирано работи на подигнување на свеста, унапредување на превенцијата и зајакнување на културата на одговорно однесување во сообраќајот. Верувам дека преку одговорно однесување, постојана едукација, соработка и заедничка грижа можеме да создадеме побезбедна сообраќајна средина за сите граѓани – вели претседателот на РСБСП, м-р Горан Ангеловски, на почетокот од овој разговор за „Нова Македонија“.
Ангеловски се осврна на главните ризици по возачите во претстојниот зимски период.
– Зимата претставува период со највисок степен на ризик на патиштата. Главните опасности за возачите се: лизгави коловози поради снег, мраз, намалена видливост поради густа магла, врнежи, подолг пат на сопирање и нестабилност при нагли движења, намалена концентрација и замор на возачите поради тешките услови на коловозот. РСБСП упатува апел до возачите на моторни возила: следете ги информациите за временските услови на патиштата, приспособете го возењето според условите на патот, почитувајте ги сообраќајните правила и прописи и патната сигнализација, носете зимска опрема во возилото и користете ја соодветно, направете зимска проверка на возилото, одржувајте безбедно растојание меѓу возилата, избегнувајте нагло сопирање на возилото, избегнувајте нагло намалување или зголемување на брзината на возилото – истакнува Ангеловски, магистер по безбедносни науки, кој целиот работен стаж од 30 години го минал во МВР, во Секторот за сообраќај.
РСБСП, како што посочи Ангеловски, постојано ја следи безбедносната состојба во сообраќајот и упатува совети за превенција од сообраќајни незгоди.

– Најпрво, мора да нагласиме дека секој изгубен живот на патиштата претставува огромна трагедија за семејството, за заедницата и за државата во целина. Нашата обврска, како институции и како општество, е да не дозволиме овие бројки да бидат само статистика, туку сериозен повик за одговорност и дејствување. Иако трендовите по месеци укажуваат на одредени осцилации, јасно е дека за трајно подобрување на состојбата е потребен системски пристап. Тоа значи: постојано унапредување на сообраќајната инфраструктура, со фокус на критичните точки каде што најчесто се случуваат несреќи; интензивирање на контролите, соодветни санкции за прекршителите, особено во делот на брзината, алкохолот и користењето сигурносни појаси, заштитни кациги и брзи и ефикасни казнени постапки; превентивно-едукативни кампањи, насочени кон ризични групи учесници во сообраќајот – млади возачи, мотоциклисти, велосипедисти, возачи на е-тротинети и пешаци; зајакната меѓуинституционална соработка меѓу Советот, МВР, локалните самоуправи, училиштата, невладиниот сектор и медиумите. Она што мора да го нагласиме е дека безбедноста на патиштата не е само прашање на институциите – туку е одговорност на секој поединец учесник во сообраќајот. РСБСП во континуитет ќе продолжи да работи системски, стручно и транспарентно, за да создадеме побезбеден сообраќај за сите. На крајот, јас верувам дека со посветеност, дисциплина и почитување на сообраќајните правила и прописи можеме да ја подобриме состојбата и да го намалиме бројот на сообраќајни незгоди и последици од истите тие. Тоа е заедничка обврска – вели Ангеловски.
РСБСП неодамна го одбележи Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајните незгоди.

– Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди има длабоко симболично и човечко значење – тоа е ден кога, покрај сеќавањето, повикуваме и на одговорност и солидарност. Со цел одбележување на овој значаен ден, РСБСП во соработка со партнерите, МВР, Факултетот за безбедност, Црвениот крст, и оваа година презема низа активности во повеќе градови во државата. Централниот настан се одржа на 16 ноември на платото пред фонтаната „Лотосов цвет“ во Градскиот парк во Скопје, каде што симболично им се оддаде почит на жртвите со пуштање балони со бројот на загинати лица, палење свеќи и марш низ Градскиот парк во чест на жртвите, со што беше упатена следната јасна порака: Да се сеќаваме на загинатите, да се грижиме за повредените и да направиме сè за никој повеќе да не биде дел од црната статистика. Секој живот е важен – напомена Ангелоски.
Тој се осврна и на новите законски измени, чија цел е создавање услови за поголема безбедност, намалување на ризиците и заштита на човечките животи.
– Измените на Законот се направени со цел да се унапреди безбедноста на најранливите категории на учесници во сообраќајот и да се намали бројот на случени сообраќајни незгоди како последица на невнимателно однесување во сообраќајот. Секако дека дисциплината и почитувањето на сообраќајните правила и прописи од страна на возачите на моторни возила се од исклучително значење за безбедноста во сообраќајот, но, сепак, во ниеден случај, не смее да се занемари и одговорноста на пешаците, велосипедистите, возачите на електрични тротинети и другите. Со оваа законска измена се воведува двојна заштита на ранливите категории, односно покрај обврските за возачите на моторни возила, се воведуваат дополнителни обврски за овие учесници во сообраќајот. Целта е преку превенција да се намали бројот на сообраќајни незгоди и последици од истите тие, кои можат да настанат за само неколку секунди невнимание – објаснува Ангеловски.
РСБСП и натаму посветено ќе работи на подигнувањето на свеста кај сите учесници во сообраќајот, преку повеќе кампањи и активности на локално и на национално ниво, при што Ангеловски упати порака до јавноста.
– Нашата цел не е само да апелираме туку и да спасуваме животи. Секоја наша кампања и секоја порака се чекор кон побезбедни патишта. Само со свесни, внимателни и одговорни учесници во сообраќајот можеме да ја завршиме годината со помалку жртви и повеќе спасени животи. Возете внимателно, некој ве сака и ве чека дома – заклучува Ангеловски.


Потсетување за возачите за пропишаната зимска опрема

На 15 ноември, во согласност со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, стапи во сила задолжителното поседување на пропишаната зимска опрема во возилата, кое трае до 15 март. Претседателот на РСБСП, м-р Горан Ангеловски, ја потсетува јавноста на задолжителната зимска опрема, во согласност со Законот за безбедност во сообраќајот.
Во согласност со законот, задолжително е поседување на пропишаната зимска опрема во возилата. Во Правилникот за задолжителна опрема на возилата е пропишано:
Задолжителна зимска опрема на моторни возила со најголема дозволена маса што не надминува 3.500 килограми претставува:
– Зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарата од четири милиметри или, доколку возилото поседува летни пневматици со минимална длабочина на шарата од 4 милиметри, да поседува синџири за снег што одговараат на големината на погонските тркала.
Задолжителна зимска опрема на моторни возила со погон на сите тркала (4×4) претставува:
– Зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарата од 6 милиметри или летни пневматици со минимална длабочина од 4 милиметри, доколку возилото поседува синџири за снег најмалку за задната оска во случај кога возилото има постојан погон на сите тркала, или синџири за снег најмалку за погонските тркала кога возилото има преклоплив погон.
Задолжителна зимска опрема на моторни возила со најголема дозволена маса што надминува 3.500 килограми претставува:
– Зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарата од 6 милиметри или, доколку возилото има летни пневматици со минимална длабочина на шарата од четири милиметри, да поседува синџири за снег соодветни на големината на пневматиците.
– Автобусите и товарните возила што не можат да постават синџири на тркалата задолжително треба да поседуваат зимски пневматици на погонските тркала, како и прирачен алат.
Според правилникот, зимски пневматици се оние пневматици што на својата бочна страна имаат ознака MS, M+S, М&S, како и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.
Забрането е поставување пневматици со клинци.
Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, полициски службеник може да му нареди на возач да го прекине натамошното движење на возилото ако не постапи според сообраќајниот знак за задолжително носење и употреба на зимска опрема. Исто така, полициски службеник може да му нареди на возач да го прекине натамошното движење и тогаш кога не постои сообраќаен знак за задолжително носење зимска опрема ако зимските услови на патот не овозможуваат непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, односно полицискиот службеник може да му нареди на возач задолжително да ја постави зимската опрема на возилото.

Живко Здравкоски