Владата на денешната 77-та седница ја разгледала информацијата за носење на Предлог-програма за финансиска поддршка на проекти од областа на младите и младинските организации за 2025 година преку Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Како што информираат од владината прес-служба, преку Министерството ќе се дадат грантови за проекти во износ не поголем од 300.000 денари.
– Проектите и апликациите треба да се насочени кон следните приоритетни цели и тоа: зајакнување на влијанието на младите во сите процеси на донесување одлуки на локално и национално ниво врз основа на соодветна правна рамка; препознавање на младинската работа како клучна алатка за помагање на позитивниот личен и социјален развој на младите; оспособување на младите со знаења и вештини за медиумска и дигитална писменост кои препознаваат дезинформации и ги артикулираат сопствените интереси и ставови како активни граѓани во општеството со развиена критичка свест; зголемување на свеста и имплементација на мерки за намалување на врсничко насилство, родово базирано насилство, сајбер безбедност и дигитална хигиена во рамките на образовните институции и креирање на иновативни решенија за намалување на невработеноста на младите и промоција на мерки за самовработување и претприемништво – се наведува во владиното соопштение.
Од Владата посочуваат дека со цел да се запази транспарентноста ќе се објави јавен повик при што претставници од Министерството и Генералниот секретаријат ќе ги разгледуваат апликациите и проектите, додека распределбата на средствата се очекува да се врши согласно правилник за распределба.