Фото: „Нова Македонија“

На Граничниот премин „Богородица“ од вчера напладе до денеска напладне излез од државава оствариле 6.864 македонски граѓани, а излез  1.394. Во истиот период регистриран е влез во државава на 4.753 странски државјани и излез на 5.070, информираат за МИА од Министерството за внатрешни работи, по денешниот старт на целосната имплементација на  новиот дигитален систем на Европската унија, ЕЕС, за влез и излез од Шенген – зоната.

Преку ГП „Табановце“ од 12:00 часот вчера до 12 часот денеска е регистриран излез на 9.150 македонски државјани, а влез на 3.158 . Што се однесува до странските државјани во истиот период влез во нашата држава оствариле 7.360 а ја напуштиле нашата држава  5449 лица.

Во истиот период преку ГП „Дојран“ излегле 546 македонски државјани, а влегле 241. Влез оствариле и 1.212 странски државјани, а излез 1.114.  Преминот „Меџитлија“ во тој период за излез го искористиле 831 македонски државјани, а за излез 129. Преку тој граничен премин во државава влегле  3.347 странски држајни, а излегле 3038.

Од ГП „Дојран“ велат дека првиот ден од почетокот на новиот дигитален систем на Европската унија, се одвива без поголеми задржувања и оти сообраќајот се одвива нормално и покрај тоа што е продолжен викенд.

– Нема посебно зголемување на бројот на евидентирани возила, за разлика од другите денови. Се чека до пет минути на македонската, и 10 до 15 минути на грчката граница. Првиот ден од имплементацијата на новиот систем поминува без проблеми – соопштија од ГП Дојран, од каде велат дека иста е состојбата и со граничниот премин Богородица во Гевгелија.

Со целосната имплементација на системот за влез во Европската Унија на надворешните граници на ЕУ се воведува нов, дигитализиран начин на евиденција и контрола на државјани кои патуваат за краткорочен престој, а се од држави кои не се членки на ЕУ.

Со воведувањето на овој систем, влезовите и излезите се евидентираат електронски, а системот ќе овозможи обработка на основни биометриски податоци (отпечатоци од прсти и фотографија), со цел побрза идентификација и поефикасно следење на дозволениот престој согласно правилото „90 дена во период од 180 дена“ со што времето на задржување на граничните премини за влез во ЕУ би се зголемило, пренесува МИА.