Фото: „Нова Македонија“

ДЕНЕСКА СЕ ОДБЕЛЕЖУВА ВОВЕДЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА (ПРЕЧИСТА), ЕДЕН ОД ДВАНАЕСЕТТЕ ГОЛЕМИ ХРИСТИЈАНСКИ ПРАЗНИЦИ

  • Според отците, овој голем богородичен празник се смета за почеток на Божјата милост и проповедта за спасение на луѓето, уште и за предвесник на Христовото доаѓање на Земјата, на неговото рождество од Пречистата. Нејзиното влегување во Ерусалимскиот храм претставува предзнак за тоа дека Пречистата Дева ќе биде поставена повисоко, не само од светите луѓе туку и од ангелите, од херувимите и серафимите

Македонската православна црква–Охридска архиепископија (МПЦ–ОА) и нејзините верници денеска (4 декември) празнуваат еден од дванаесетте големи христијански празници – Воведение на Пресвета Богородица, кај нас познат уште и како Пречиста, кој го прославува свечениот настан во кој Пресвета Марија станала првата во историјата на христијанството, која, пред Бога и луѓето, ја заветувала својата девственост кон Бога. Чинот на заветување го извршил првосвештеникот Захарија, татко на светиот Јован Претеча.
Според отците, овој голем богородичен празник се смета за почеток на Божјата милост и проповедта за спасение на луѓето, уште и за предвесник на Христовото доаѓање на Земјата, на неговото рождество од Пречистата. Нејзиното влегување во Ерусалимскиот храм претставува предзнак за тоа дека Пречистата Дева ќе биде поставена повисоко, не само од светите луѓе туку и од ангелите, од херувимите и серафимите. Исто како и празникот Рождество на Пресвета Богородица, и овој празник има многу значајна духовна и литургиска димензија за христијанските верници.
Бидејќи светите Свети Јоаким и Ана долги години немаа деца, тие се заветуваа дека детето што Бог ќе им го подари ќе му го посветат нему на служба. Марија беше испросена со молитвите на овие прастари родители кон Бога. Кога ја добија ќерката Марија, штом таа наполни три години, тие ги повикаа сите свои роднини и повеќе девојчиња, подготвија многу свеќи и, од градот Назарет, свечено тргнаа кон Ерусалимскиот храм, за да му ја предадат, според своето ветување, на служба на Бога.
Од Назарет до Ерусалим има три дена пат, но одеа на богоугодно дело и патот не им беше тежок. Напред одеа девиците со запалени свеќи во рацете, потоа Пресветата Дева, водена од едната страна од Јоаким, а од другата од Ана. Марија беше украсена со царска благолепна облека и со украси, како што ѝ прилега на царска ќерка, на невеста Божја. Зад нив, сите држеа запалени свеќи, одеа многубројни роднини и пријатели на Јоаким и Ана, а во таа свеченост, невидливо, учествуваа уште ангелите Божји. Се собраа и многу луѓе за да ја видат оваа убава и чудесна поворка. Пред храмот беа пречекани од свештеници. Првосвештеникот излезе пред црковните врати, до чиј влез водеа петнаесет скалила, за да го дочека девојчето Марија. Родителите ја кренаа Дева на првото скалило и ја пуштија, а таа сама, без да се загледа назад кон своите родители, со весел поглед право кон храмот, ги мина сите скалила и брзо се искачи на врвот, кај што ја дочека првосвештеникот.
Кога првосвештеникот Захарија ја зеде Марија за рака, тој ја воведе не само во Ерусалимскиот храм туку и во олтарот, кој се викаше Светиња над светињите, каде што никој никогаш не влегуваше, освен првосвештеникот. Захарија ја посвети Марија да му служи на Бога.

Според житието, Свети Теофилакт Охридски вели дека Захарија бил „надвор од себеси и обземен од Бога“ кога ја воведувал Дева во најсветото место во храмот, зад втората завеса, поинаку не би можела да се објасни оваа постапка. Во таа пригода родителите на Дева Марија, според законот, му принесоа жртви на Бога, примија благослов од свештеникот и се вратија дома, а Пресветата Дева остана при храмот.
Марија пребиваше во храмот цели девет години. Родителите ја посетуваа често додека беа живи, особено блажената Ана. А кога нејзините родители беа повикани да се претстават кај Бога, Пресветата Дева остана сираче и не сакаше до нејзината смрт да се оддалечува од храмот ниту да стапи во брак. Бидејќи тоа беше спротивно на законот и на обичајот во Израилот, кога таа наврши дванаесет години му ја дадоа на Св. Јосиф, нејзиниот роднина од Назарет, за под вид на свршеница да живее со него во девственост и привидно да го задоволи законот. Ова од причина што, во тоа време, не се знаеше во Израилот девојките да се заветуваат на девственост до крајот на животот. Пресвета Дева Марија беше прва таква доживотно заветувана девојка и неа потоа ја следеа незнајно мнозинство девственици и девственички.
Се претпоставува дека овој празник се празнува од четвртиот век. На иконата овој настан се претставува како призор во кој првосвештеникот на старозаветната црква, Захарија, на вратите од храмот ја дочекува Пресвета Дева Марија како девојче, кое го спроведуваат другите девојчиња (со запалени воштаници) и други пратители. Пресвета Богородица со смирение ја прифати волјата Божја и ги послуша неговите зборови велејќи: „Нека ми биде по зборовите твои“.
Во текст објавен на сајтот на Дебарско–кичевската епархија, на 5 декември 2012 година, во спомен на големиот празник Воведение на Пресвета Богородица – Пречиста, во кој е пренесена пригодната беседа, на неговото високопреосвештенство митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј, искажана на светата архијерејска литургија, со која чиноначалствуваше г. Тимотеј во сослужение на други црковни лица, во храмот „Пресвета Богородица – Каменско“ во Охрид, помеѓу другото, го пишува и следното: „За да се роди Господ Исус Христос, потребно било да се подготви чиста, невина, благородна, света душа, без никакви лични престапи. Таа требало да биде сецело предадена на Бога, очистена, измиена, да биде ’почесна од херувимите и пославна од серафимите’. Таква душа ќе биде Пресвета Дева Марија, која ќе биде удостоена да го смести во својата утроба несместливиот, кој е поголем и поширок од сета вселена. Нејзината чистота и нејзината благост ќе бидат скалило за спасение на човечкиот род. Господ Христос ќе се овоплоти како дете, како човек, за кого Пресветата Мајка ќе се грижи, ќе го храни, како претставник на севкупниот човечки род.“

Во текст, под наслов „Беседа за Воведение на Пресветата Богородица“, Свети Григориј Палама, кој е објавен на сајтот на Бигорскиот манастир на 1 декември 2010 лето Господово, помеѓу другото, пишува дека девојчето Марија уште од пред векови беше предодредена од Бога за спасение и возобновување на нашиот род и беше избрана меѓу сите, не само во поглед на нивното мноштво туку и меѓу оние од векови избрани, чудесни и значајни по својата побожност и разумност, како според општополезните така и според своите богољубиви особини, зборови и дела.
„Навистина Бог не може само едно – да се присоедини кон нечистото, пред да го очисти. Затоа толку беше неопходна непорочната и пречиста Дева, која, како предодредена, во својата утроба би го носела и би го родила Ревнителот и Дарителот на чистотата; Дева, која се усоврши и појави, исполнувајќи ги совршено сите тајни поврзани со неа, и слевајќи ги во едно сите чуда од дамнина па до денес. Значи Бог не само што дојде меѓу луѓето туку и произлезе од света и непорочна Дева т.е. пренепорочна и пресвета, зашто Дева Марија се издигна не само над плотската нечистота туку и над самите нечисти помисли што доаѓаат од плотта. И нејзиното зачнување не беше израз на волјата на плотта, туку плод на слегувањето на Светиот Дух.“
Понатаму, во оваа беседа, објавена на сајтот на Бигорскиот манастир, помеѓу другото, се додава и следното: „Така величествена и воздржана, таа покажа смирен дух и однесување, за да не се каже дека оди пред другите, а потоа, соединувајќи го стремежот со устројството, постепено го забрза чекорот и ги претекна девојките околу неа, тргнувајќи напред, за оние кои што ја следеа да видат дека на неа се однесува онаа изрека од псалмите: Во везена облека ќе ја доведуваат кај Царот; по неа водат при Тебе девици, нејзини другарки, и ги приведуваат кон Тебе, ги доведуваат со веселба и радост, влегуваат во Царевиот дворец (Псал. 44, 14 – 15).“
Во текст, под наслов „Беседа. Воведение во храмот на Пресветата Владичица наша Богородица и Секогаш-дева Марија“, објавен на 4 декември 2016 година, на сајтот „Ортос“ („Свиток“), помеѓу другото, го пишува и следното: „Дева Марија е исполнување на промислата на Творецот, зашто таа е избраниот сад во кој ќе се всели Божеството, зашто од нејзиното тело зеде тело Синот Божји и од неа се роди како Син Човечки. Преку неа Словото стана тело, преку неа Бог стана човек“. Во овој текст на крајот, пишува дека беседата е прочитана на света литургија во храмот „Света Троица“ во Куманово.


Утре почнува десеттиот филмски фестивал за духовни и хумани вредности „Богородичен покров“

Со благослов на неговото блаженство г.г. Стефан, архиепископ охридско–македонски, и на почесниот претседател на фестивалот, митрополитот на Дебарско-кичевската епархија г. Георгиј, упатена е покана за присуство на свеченото отворање на десеттото јубилејно издание на филмскиот фестивал за духовни и хумани вредности „Богородичен покров“, кое ќе се одржи утре во 19 часот во Соборниот храм. По отворањето ќе биде прикажан рускиот филм посветен на празникот Воведение на Пресвета Богородица. На свеченото отворање ќе биде донесена, во чест на јубилејот, чудотворната икона на Пресвета Богородица „Царица Небесна“ од митрополитот преспанско–пелагониски г. Петар и верниците ќе можат да ѝ се поклонат во Соборниот храм.

Живко Здравкоски