Фото: МИА

Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) ги предупредува граѓаните за сериозна фишинг измама која се одвива преку лажна веб-страница со адреса fzom.net. Оваа веб-страница се претставува како официјална страница на ФЗОМ (fzo.org.mk) и има за цел да украде лични и финансиски податоци на граѓаните.

Измамниците преку fzom.net се обидуваат да ги измамат граѓаните да ги внесат своите: лични податоци (име, презиме, матичен број, адреса); податоци за здравствено осигурување; податоци за банкарски сметки и кредитни картички; кориснички имиња и лозинки.

ФЗОМ категорично ги предупредува граѓаните да не ги внесуваат своите лични податоци на веб-страницата fzom.net. Официјалната веб-страница на Фондот е исклучиво fzo.org.mk.

– Проверете ја внимателно веб-адресата пред да внесете какви било лични податоци. Не кликајте на линкови од сомнителни е-пошти или пораки. Не споделувајте ги вашите кориснички имиња и лозинки со никого. Пријавете ги сите сомнителни активности на ФЗОМ или во најблиската полициска станица. Официјалната веб страница на ФЗОМ никогаш нема да побара од вас внесување на банкарски податоци – укажуваат од Фондот за здравство.

ФЗОМ веќе презема мерки за да ја блокира оваа лажна веб-страница и да ги заштити граѓаните. Фондот соработува со надлежните органи за да ги идентификува и казни сторителите на оваа измама.

За дополнителни информации и пријавување на сомнителни активности, граѓаните можат да се обратат на: официјалната веб-страница на ФЗОМ: fzo.org.mk ; телефонскиот број на ФЗОМ: 02 3289 000 и на е-пошта: [email protected]

ФЗОМ апелира до граѓаните да бидат внимателни и да ги заштитат своите лични податоци од ваквите измами.