Министерството за одбрана во соработка со амбасадата на Украина во Македонија денеска организираше театарска претстава со Дедо Мраз и новогодишни пакетчиња за деца од Украина кои нашле прибежиште во Македонија.
На хуманитарниот хепенинг, како што соопшти Министерството за одбрана, присуствуваше министерката за одбрана, Славјанка Петровска и амбасадорката на Украина, Лариса Дир.
Намерата на министерката Петровска и Министерството е со овој настан да внесе среќа и радост во очите на дечињата и топлина во нивните срца, да покаже дека тие не се сами и дека се грижиме за нив, се посочува во соопштението.
–Тука се дружиме со дечињата кои своите прибежиште го најдоа во Р.С Македонија, украинските деца кои страдаат од војната и од случувањата во Украина. Радосни сме и задоволни сме што заедно со амбасадорката Дир, Министерството за одбрана беше организатор на овој убав настан и им благодариме на сите оние добри луѓе кои ни се приклучија. Целта е да кажеме дека покрај политичката поддршка која што е несомнена и која што изминатиов период ја дававме и сè уште ја даваме и ќе ја даваме до крај на Украина, сепак се грижиме и за малите дечиња кои се тука во Р.С Македонија – рече министерката.
Македонија, истакна Петровска, е нивен топол дом и изрази надеж дека тие уживаат во овие среќни новогодишни и божиќни празници, затоа што секое дете заслужува да биде среќно.
–Денес, чуда и добрина Украинците среќаваат во пријателската Македонија, бидејќи нивните куќи во Украина се наоѓаат под постојано руско гранатирање. Македонија ги засолни украинските деца од руската војна. А денес, а на тие деца им поклони празник. Благодарна сум ѝ на министерката за одбрана Славјанка Петровска, за ваквата благородна идеја за создавање на бајковито расположение, за подарување на впечатоци на децата – рече амбасадорката Дир.