Собраниската Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање на денешната седница го разгледа и одлучи да го проследи на натамошна собраниска постапка Предлогот законот за изменување на Законот за градежно земјиште, по скратена постапка, поднесен од група пратеници.
За предложеното законско решение беа поднесени четири амандмани од пратеникот Сали Мурати од коалицијата Европски фронт кои со по седум гласа „за“ и еден „воздржан“ не беа усвоени.
Во образложението зошто не се прифатливи, еден од предлагачите на законското решение, Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека амандманите не се соодветно поднесени поради што не може да се разгледуваат и да се прифатат и додаде дека се работи само за ситни измени на три члена на законот од кои третиот член е за објавување во Службен весник.
Основни цели на Предлог законот за изменување на Законот за градежно земјиште, како што кажа, се допрецизирање на постапката за водење на Регистар на отуѓено и дадено под долготраен и краткотраен закуп државно градежно земјиште преку информацискиот систем www.gradezno-zemjiste.mk со цел ажурно овозможување на точни и прецизни податоци за градежното земјиште. Со измените ќе се овозможи побрзо доаѓање до информации за самото градежно земјиште во сопственост на државата така што ќе се овозможи законско уредување на постапката за водење на Регистар на отуѓено и дадено под долготраен и краткотраен закуп.
Воедно, додаде, се јавува и потреба за издавање на одобрение за употреба за објекти од јавен интерес на градежно земјиште на кое веќе се изградени врз основа на правосилни одобренија за градење од страна на правни или физички лица и кои биле предмет на инвестирање со финансиски или други средства од страна на државни органи, јавни претпријатија, акционерски друштва и други субјекти основани од Собранието, Владата или општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, со цел нивно пуштање во употреба односно конечна реализација, преку допрецизирање на начинот на користење на предметното градежно земјиште.
Со измените се менува членот 93 став (1) во Законот и гласи: „Општините, општините во градот Скопје и градот Скопје водат електронски Регистар на отуѓено и дадено под долготраен и краткотраен закуп на градежно земјиште сопственост на Република Северна Македонија, кој регистер е дел од информацискиот систем од член 46 од овој закон“.
Во Член 2, пак, се предвидува градежното земјиште во државна сопственост на кое до денот на влегувањето во сила на законското решение има изградено објекти врз основа на правосилно одобрение за градење од страна на физички или правни лица кои се стекнале со правото на градење врз основа на претходно склучено правно дело со државни органи, јавни претпријатија, акционерски друштва и други субјекти основани од Собранието, Владата или општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, да може да им се даде на трајно користење или да им се пренесе правото на сопственост само на оние државни органи, јавни претпријатија, акционерски друштва и други субјекти основани од Собранието и Владата кои го склучиле правното дело.