Предлогот за разрешување на републичкиот обвинител Љупчо Коцевски сè уште не е пристигнат во Советот на јавни обвинители, информираше претседателката на советот, Душица Димитриевска.
Во изјава за медиуми по денешната седница таа не даде одговор на можните процедури по добивањето на предлогот.
-Најпрво да го добиеме предлогот, да ги видиме наводите кои што се наведени во истиот, па потоа ќе се произнесеме. Онака како што е пропишано во законот ќе постапиме, согласно законските надлежности на советот. Пред да стигне предлогот не можам да ви дадам одговор на тоа прашање- рече таа.
На седницата одржана на 25 февруари Владата го усвои предлогот за разрешување на јавниот обвинител Љупчо Коцевски. Предлогот треба да биде испратен до Советот за јавни обвинители, кој има 15 дена да даде мислење. Ако не успее, рокот се продолжува за уште 15 дена. Ако и тогаш нема мислење, се смета дека Советот не го поддржува предлогот. Потоа, Владата го доставува предлогот до Парламентот за конечна одлука.
Во врска со одлуката на Уставен суд да поведе постапка за оценување на стажот на членовите на Советот на јавни обвинители кои се избрани од редот на јавните обвинители која беше резултат на иницијативата поднесена од обвинителката Ленче Ристоска, која го оспори Член 4 став 7 од Деловникот за работа на Советот, а според оспорената одредба, мандатот на овие членови се смета за позитивно оценет јавно-обвинителски стаж, освен во случаи предвидени во член 35-а од Законот за Советот на јавните обвинители, претседателката на СЈОРМ рече дека ќе ја почитуваат одлуката на Уставен суд.
-Се работи за иницијатива за член од деловникот кој е во правна сила, тој е донесен во 2020 година. Иницијативата е доставена до нас и ние дадовме одговор. Ќе видиме како ќе одлучи Уставниот суд и ќе ја почитуваме одлуката. Во одговорот стои она што сметавме дека во тој момент треба да го појасниме, а тоа е дека деловникот е во правна сила, изработен е со присуство на меѓународни експерти, на јавни обвинители од ЈО на РСМ – рече таа.