Продолжување на судската и јавно-обвинителската функција и по исполнување на утврдената старосна пензија до 67 години возраст, предвидува Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи што помина денеска на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика.
Целта на измените, како што објаснија предлагачите, е надминување на состојбата во правосудството од аспект на дефицитот на човечки ресурси и соодветно функционирање на правосудниот систем, односно решавање на сите предмети и елиминирање на оправдувањата дека за какви било постапувања нема доволно судии или обвинители.
Според опозицијата, решението е парцијално и дискриминирачко зашто не им овозможува продолжување на стажот и на врвните експерти, технолози, инженери,.. кои и се потребни на државата, како и на работниците во приватниот сектор, особено на оние со дефицитарни струки.
– Голем дел од луѓето во правосудниот систем заминуваат во пензија, а во изминатиот период имаше и многу сериозни скандали во функционирањето на Академијата за судии и јавни обвинители за одредени избрани лица и за начинот на кој имаше прием на кандидати со тестови кои се предмет на истражна постпка. За да не настане одредена празнина во функционирањето, а гледаме дека во овој период има се позасилена борба против корупцијата и се поголем број отворени истраги и доставени докази до јавниот обвинител, сметаме дека на ваквиот начин ќе се обезбеди соодветна застапеност во насока на постапување по сите индиции за сторен криминал и отворени случаи пред Обвинителството – истакна пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ и еден од предлагачите на текстот.
Идејата на предлагачите на законот, напомена, е сите отворени случаи да бидат завршени.
– Целта е органите одговорни за прибавување докази да ги соберат и да ги достават до Јавното обвинителство, а тоа да ги преточи во обвинителен акт и да ги испрати до судовите за судиите да постапуваат. Кажавме дека сурово ќе се бориме против корупцијата и криминалот. Нема да дозволиме поради ваков системски пропуст кој е намерно направен претходните години, некој да биде амнестиран. Правдата треба да важи еднакво за сите и не може некој да се вади на тоа дека нема доволен број судии или обвинители за да бидат случаите завршени – рече Стојановски.
За Предлогот имаше три амандмани, сите поднесени од Моника Зајкова од ЛДП, но ниту еден не беше прифатен.
Димитар Ковачевски од СДСМ оцени дека предложеното решение е парцијално и на некој начин дискриминирачко зашто со него, освен на судиите, продолжен стаж им се овозможува и на сите избрани и именувани функционери, директори,… , но не и на врвните експерти, технолози, инженери,.. кои и се потребни на државата.
На ова се надоврза и Јованка Тренчевска, според која законот треба да се повлече и да им се овозможи и на работниците во приватниот сектор, особено на дефицитарните профили, да одат подоцна во пензија.
– Ако сте сакале решението да се однесува само на судиите и јавните обвинители сте можеле да го ставите во Законот за судовите и јавните обвинители. Можеби тогаш ќе верувавме дека интенцијата е навистина само за нив, а не и за сите избрани и именувани лица. исто така, не може избраните и именуваните лица со ограничен и неограничен мандат да се стават во еден кош зашто не е фер оние што се привилегирани во однос на платите, да бидат привилегирани и во однос на продолжувањето на работниот век – забележа Тренчевска.
Комисијата го проследи Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи на натамошна постапка во Собранието.