Предлог законот за помилување, во прво читање, на предлог на Министерството за правда, денеска е на дневен ред на седницата на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, која треба да расправа и за предлог законите за изменување и дополнување на Законот за народниот правобранител и на Законот за извршување на санкциите, исто така во прво читање. За денеска се закажани и седници на собраниските комисии за прашања на изборите и именувањата, за одбрана и безбедност, на Буџетски совет и на Законодавно-правната комисија.
Причините за донесување нов закон за помилување, според предлагачот, произлегуваат од недостатоците и правните празнини во постојниот Закон за помилување од аспект на неговата практична примена, како и од потребата за попрецизно нормирање на одредени прашања регулирани со законот.
„Со Предлог закон за помилување се уредуваат поимот и видовите помилување, дејството на помилувањето, лицата овластени за поднесување молба за помилување, како и постапката и актите на надлежните органи во врска со помилувањето. А, една од најзначајните измени во законот е тоа дека претседателот на државата може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на поименично определени лица. Исто така се разработува постапката за помилување, при што клучни се и одредбите за одговорност на лицата кои постапуваат по предметите, како и на нивните претпоставени“, информираше владината прес-служба по седницата на Владата на која беше утврден текстот на Предлог законот.
На новиот Закон за помилување една година работеше Работна група, која предложи и претседателот да не може да помилува по службена должност, туку само по молба на осудениот или неговото семејство.