Фото: Илустрација/МИА

Собраниската комисија за прашања на изборите и именувањата денеска со 11 гласа „за“ и ниту еден против или воздржан ја донесе Предлог-одлуката за определување на коефициентите за утврдување на плата на претседателот на Македонија, на пратениците во Собранието на Македонија и на функционерите кои ги избира и именува Собранието на Македонија.

За расправа по оваа точка не се јави никој од присутните членовите на Комисијата.

Како дополнителна точка на дневен ред на Комисијата е утврдување на Предлог-одлуката за разрешување на директорот на Агенцијата за квалитет во високото образование.

По однос на ова, пратеничката Арбана Пашоли во своето обраќање на седницата посочи дека оваа точка им ја отежнува работата на пратениците бидејќи потребно им е време да ги разгледаат материјалите кои им се доставени. Таа напомена дека материјалите по однос на оваа точка не им биле доставени на време, и додаде дека отсуствуваат основни податоци со цел да се равие дискусијата.

Претседателот на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата Ѓорѓи Сајкоски рече дека материјалите се доставени навремено, и истите се објавени на веб страницата на Собранието.

Седницата на Комисија за прашања на изборите и именувањата ќе продолжи по пауза од еден час, по барање на пратеничката Пашоли со цел материјалите по однос на втората точка да им бидат доставени и на албански јазик.