Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет во Скопје, заедно со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Амбасадата на Република Грција во Скопје, организираат предавање на професорката Ана Анастасијади-Симеониди од Универзитетот „Аристотел“ во Солун. Предавањето ќе се одржи денеска во 13 часот на Филолошкиот факултет.

Ана Анастасијади Симеониди е почесна професорка од Универзитетот „Аристотел“ во Солун, по специјалност лингвист, која своето образование го комплетирала на „Сорбона“ во Франција. Светски реномираната професорка, авторка на бројни трудови од областа, доаѓа во рамки на соработката за промовирање на грчкиот јазик и култура на академско ниво. Во тој контекст е и намерата на Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет – отворање на програма за изучување грчки јазик и стекнување назив дипломиран грцист.
Професорката емерита по лингвистика на Одделот за филологија на Универзитетот „Аристотел“ завршила магистерски студии на Универзитетот „Париз 3“ и докторски студии на Универзитетот во Атина. Учествувала во постдипломски студии за теоретска и применета лингвистика на различни француски универзитети во областите лексикологија, лексикографија, компјутерска лингвистика и морфологија. Од 1991 до 2012 била координатор на Еразмус проекти со седум европски универзитети. Таа предавала како визитинг-професор на многу европски универзитети, како „Сорбона“- Париз 4, ИНАЛКО во Париз и на Универзитетот во Кипар. Била член на Сенатот на „Аристотел“ во Солун од 2009 до 2011 година, како и член на Грчката агенција за осигурување на квалитетот во високото образование. Нејзини главни области на интерес се проучувањето на грчката лексика и речникот, приредување на печатени и електронски речници, неологизми, заемки, зборообразување (деривација и сложенки), повеќезборовни единици, терминологија, учење на правопис и зборови. Таа е автор на 10 книги. Исто така напишала преку 200 статии објавени во различни списанија и зборници ширум светот.