Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски кој присуствува на светскиот економски форум во Давос, вечерва, преку својот фејсбук профил, соопшти дека денеска имал билатерална средба со претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто, а потоа остварил и многу билатерални средби со мултинационални компании.

Мицкоски, како што информира преку видео-изјава, учествувал и на панел. Зборувал за проекти од областа на енергетиката и прв пат ги прзентирал „Бошков Мост“ и „Чебрен и Галиште“.

-Денот го почнавме со билатерална средба со Борјана Кришто којашто е претседавач на Советот на министри на Босна и Херцеговина, а потоа го продолживме со многу билатерални средби со мултинационални компании коишто навистина значат многу во делот на бизнисот во светот. Имавме и успешен панел на кој зборував за проекти што за нас се значајни, проекти што опфаќаат производство на електрична енергија, подобрување на преносните капацитети на интерконекторите кои пренесуваат електрична енергија и гас. Денес за првпат на панелот ги прзентирав за нас клучните проекти кои во периодот што следи ќе ги објавиме, а тоа се „Бошков Мост“ и „Чебрен и Галиште“. Убеден сум дека привлекоа големо внимание кај голем број инвеститори. По завршувањето на панелот тие ми пристапија и разменивме контакти. Ги поканив да дојдат во Македонија, да ги презентираме потенцијалите со кои располагаме и инвестициските можности – потенцира премиерот во изјавата.

Тој е убеден дека овие проекти ќе бидат успешни, дека ќе додадат вредност во домашната економија, како и во квалитетот на животот на македонските граѓани.

На панелот станало збор за темите кои, како што вели Мицкоски, се клучни во Давос – вештачката интелигенција, дата центрите и електричната енергија.

-Разговаравме повторно со луѓето кои навистина нешто значат во светот на вештачката интелигенција, водечки фирми во светот во делот на стопанисувањето со дата центри, но и за предизвиците – што значи и за колку треба да биде зголемено производството на електрична енергија во светот во годините што следат – додава Мицкоски.

Премиерот најавува учество на уште еден панел на кој ќе ги претстави инвестициските можности на Македонија пред друга група инвеститори.

-Убеден сум дека и овој панел ќе биде успешен. Следете не, го продолжуваме престојот во Давос, а утре се гледаме во Скопје – порачува премиерот Мицкоски.